Не треба само санкции против Русија, треба вадење на парите од Русија

И покрај целата болка што ја предизвикуваат санкциите против Русија, вродената мана на кои било санкции е што овозможуваат сите пари на една земја да останат во земјата наместо да се исцедат од неа.

Иако западната воена помош за Украина е без преседан, „невоениот“ притисок врз Русија направен со цел да се натера Кремљ да се повлече е далеку помалку ефикасен. Невоениот притисок главно се санкции (според некои пресметки против Русија има над 13.000 различни санкции) чија главна цел е да се предизвика „економска, регулаторна и административна болка врз Русија“ за таа што е можно поскоро да се откаже од војната.

Во текстот за Москва тајмс, Дамјан Кудрајтсев, објаснува дека гледано од оваа перспектива реалноста е дека руското општество го преживеа шокот од санкциите, се прегрупираше и се адаптираше, а власта остана стабилна.

И ова не е прв пат, туку и низ скората историја санкциите имаат ист исход во Ирак, Либија, Северна Кореја, Куба, Иран, Венецуела.

За потврда на неуспешноста на санкциите Кудрајтсев, поранешен раководител на Комерсант и Ведомости, а моментално протеран од Русија, ги споредува бројките на ММФ за Русија кои предвидуваат раст на тамошното БДП во 2023 од 0,7%, со предвидувањата за Франција која очекува раст од исто 0,7%, САД од 1,6, а Германија пад од 0,1 проценти.

Русија не стои нешто посебно лошо ни со инфлацијата во споредба со другите држави, и генерално покажува дека санкциите против нејзе повеќе штета им нанесоа на оние кои и ги наметнаа. Русија успева да надомести и за губењето на европскиот пазар за гас и нафта, па иако има пад на приходите, не се работи за нешто критично.

Ниту егзодусот на западни компании од земјата го немаше очекуваното влијание, бидејќи нивниот имот во Русија е купен од нивните руски менаџери или од руски бизнисмени, па наместо да ја притиснат економијата, западните компании и дадоа еден групен подарок на Русија составен од целиот свој имот што го купиле и создале во земјата, а кој беше продаден со голем попуст.

Користејќи паралелен увоз, преку држави како Казахстан, Ерменија, Грузија, Турција, Узбекистан и Киргистан, Москва успеа за кратко време повторно да ги пополни полиците и излозите низ целата држава со производи кои првично ги снема заради санкциите.

„Со други зборови, можеме да кажеме дека главната цел на санкциите - да се присили Русија да се откаже од својата агресија преку слабеење на економијата - не е остварена,“ пишува Кудрајтсев.

Она што тој го предлага е создавање поделба пред се меѓу рускиот народ, „стратегија која ќе им овозможи на највредните сегменти на населението можност за излез од затворениот систем и стимул да го извезат својот капитал.“

Пример од почетокот на војната меѓу 500.000 и 1,3 милиони Руси ја имаат напуштено земјата, и тоа главно луѓе од средна или висока класа. Ако на овие луѓе им се дозволи пред заминување да го продадат својот имот и со себе да ги изнесат парите од Русија, тоа не само што ќе и помогне на земјата во која ќе се преселат туку и ќе збрише дел од вкупниот капитал кој е во оптек во Русија.

Кудрајтсев смета дека фокусот на Западот треба да биде како од Русија да ги извлечат образованите и богатите, но наместо тоа Западот сега со визи и финансиски рестрикции повеќе работи на тоа како да задржи што е можно повеќе луѓе во Русија.

„Сите овие санкции резултираа со тоа капиталот и неговите сопственици (елита и висока средна класа) главно да останат во Русија за време на војната или дури и да се вратат назад по некое време во странство,“ објаснува Кудрајтсев.

23 јуни 2023 - 12:46