„На НАТО самитот во Вашингтон на кој се одбележуваше 75-годишницата, лидерите и дадоа на Украина нова рунда лажна надеж во војната против Русија - што е полошо отколку ништо да не се направи,“ пишува Кристофер Меккалион во текстот за Политико.
Тој во анализата објаснува дека по неуспешната контраофанзива во 2023 почнува да легнува помирувањето дека украинските сили не можат да ја ослободат својата територија, и не само што не можат, туку и покрај масовната помош од Западот, Киев има проблем да го задржи тоа што го има.
Ова се околности, смета Меккалион, кои наведуваат на претстоен прекин на огнот или примирје.
„Меѓутоа, наместо тоа, Вашингтон и европските престолнини, продолжуваат со својата увереност дека Украина еден ден ќе се приклучи кон НАТО. Всушност, откако го промовираа матниот 'мост' за евентуално членство на Украина пред самитот, за време на собирот НАТО лидерите тврдеа дека Украина е на 'неповратна патека' за членство,“ пишува Меккалион.
Освен ова неодамна САД и Киев потпишаа 10-годишен безбедносен пакт, а претходно, осилен од балтичките лидери, Макрон порача дека во Украина треба да се испратат НАТО сили.
Меккалион објаснува дека сега, како и на почетокот од војната, и понатаму останува дека Украина не може да биде примена во НАТО, ниту сега, ниту во иднина.
Сега не може затоа што е сред војна со Русија, па какво било приклучување кон НАТО ќе значи дека и Алијансата треба да влезе во војна со Русија. Во иднина тешко дека ќе се случи затоа што САД веќе покажа дека не се подготвени да ризикуваат нуклеарна војна за да ја одбранат Украина, дури и по цена на нејзино преживување како држава.
„Едноставно кажано, западните ветувања се празни муабети, а украинското членство во НАТО моментално не е достапно. Предлозите на Макрон изгледаат несериозни, а пактот со САД во суштина е симболичен,“ смета Меккалион.
Проблемот со овие ветувања, дури и да се лажни, е што на Русија и даваат и ја зачувуваат нејзината главна причина за војната, а тоа е приклучувањето на Украина кон НАТО, чие повлекувања беше тема на сите мировни предлози до сега.
Од друга страна им дава лажна надеж на Украинците да продолжат со војната и стратегијата дека мора да ја вратат целата територија што ја изгубиле и да избегнуваат преговори со Москва.
„Моментално, најдобра опција за Украина е да се вкопа и да прифати дефанзивна стратегија, додека истовремено иницира мировни преговори или барем прекин на огнот.
Западната помош може да му помогне на Киев да ги задржи линиите на фронтот и да ги напаѓа руските мети на одредено време, ама не може во крајна црта да го надомести недостатокот на човечка сила, посебно во време кога индустриската база на Западот е под притисок да обезбеди доволно огнена моќ што ќе и парира на Русија.
Продолжувањето на војната ветува само дополнително истоштување на украинските сили а потенцијално и можноста за воен и политички колапс,“ смета Меккалион.
Тој проценува дека во време кога во Украина поддршката за целосно враќање на територијата по секоја цена не е монолитна, реториката на НАТО ја спречува дури и промената кон почетно прифаќање дека крајот на војната нема да донесе комплетна правда за Украина.
Меккалион ги осудува и неодамнешните украински напади на руските радарски системи за рано предупредување од нуклеарен напад, проценувајќи дека нивното уништување само ја прави поверојатна руската употреба на нуклеарки.
„А сепак, неделава НАТО продолжи со својата неодговорна политика кон Украина: давајќи лажна надеж, правејќи го мирот помалку веројатен, а војната поопасна. Друг тип на самит, самит базиран на реализам, би признал дека Украина не може да ја извојува победата на начин на кој ја има дефинирано, и дека НАТО нема да ги одбрани.
Тоа би бил мостот кон подобра перспектива за поразумен мир во Украина, а да не збориме за подобра безбедност на НАТО,“ порачува Меккалион.