
На првата рунда разговори во Ријад, САД и Русија се согласиле дека Украина мора да ги спроведе претседателските избори што лани беа откажани поради воената состојба.
Тоа е навидум мал чекор до траен мир, но огромен предизвик за украинскиот претседател Володимир Зеленски, чиј рејтинг полека но сигурно тоне.
Москва со месеци го оспорува легитимитетот на Зеленски, но Доналд Трамп инсистира дека тој лично побарал да се одржат избори во Украина.
Имаме ситуација во која немало избори во Украина, имаме воена состојба во Украина, имаме лидер што, грдо ми е да кажам, има рејтинг од 4 отсто, а неговата земја е разбиена во партали. Ако Украина сака место на масата, не треба ли луѓето да кажат дека поминало долго време откако имале избори? Тоа нема врска со Русија, тоа дојде од мене, а исто така и од многу други земји, изјави Трамп од својата резиденција во Мар-а-Лаго.
Првиот петгодишен претседателски мандат на Зеленски заврши лани во мај, а изборите требаше да се одржат во април. Киев тогаш ги откажа изборите, поради тоа што Уставот забранува да се гласа за време на воена состојба. Советниците на Зеленски објаснија дека претседателски избори нема да може да се одржат шест месеци откако ќе заврши воената состојба.
Одложувањето всушност му ги намали шансите за реизбор на Зеленски, чиј рејтинг е преполовен во споредба со пред три години, кога почна руската инвазија. Рејтингот можеби не му е баш 4 отсто како што вели Трамп, некои анкети сугерираат дека има далеку поголема доверба кој украинските гласачи.
Грубо отстранет од преговорите во Ријад, Зеленски несмасно се обидува да прикаже дека тоа било негова волја. Тој тврди дека намерно ја одложил за 10 март планираната посета на Саудиска Арабија „за да не ѝ даде легитимитет на американско-руската средба“.
Не сакам какво било совпаѓање. Украина не сака никому да му се причини дека е легитимно тоа што се случува во Ријад. Не сакаме некој да решава зад нашиот грб. Без Украина не може да се донесе одлука како да заврши војната во Украина, изјави Зеленски при посетата на Анкара.
Трамп е разочаран од украинската реакција и на Киев дрско му порача дека „ако Киев сакал мир, требало веќе да преговара“.