На Украина не и е сеедно што Москва и Западот договорија размена

Успехот на Москва и Вашингтон да ја договорат една од најголемите размени на затвореници и покрај тоа што двете страни се речиси на раб од војна, Киев го коментира со повторување на ветувањето на Бајден „Ништо за Украина без Украина.“

Заради обемот и важноста на целата размена, на чие составување работат функционери од девет држави, се работи за таен процес кој би бил проблематичен и кога сите страни би биле во добри односи, а не сред две годишна војна.

При самото соопштување за размената, портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, брзо ги отфрли сите шпекулации дека овој договор би можел да доведе до проговори за ставање крај на војната во Украина. Меѓутоа тоа ни најмалку не ја смирува нервозата на Киев дека неговите поддржувачи, посебно САД, може да почнат свои преговори со Москва на кои ќе биде запечатена судбината на Украина.

И покрај смелите изјави на некои од највисоките украински функционери, посебно советникот на Зеленски, Михајло Подолјак, дека ништо нема да може да биде договарано без Украина, Вашингтон пост пишува дека на Украинците им е јасно дека „земјата преживува благодарејќи на донирано оружје и пари, позајмено и подарено, од странство.“ И дека ако која било од овие линии е прекината Украина е во големо проблеми.

Заради сето ова договорот за размена на затворениците, ги накостреши Украинците. Како што објаснува градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко „стравот е ова да не стане тренд“.

Киев е претпазлив бидејќи и пред 10 години по првата руска инвазија на Украина и заземањето на Крим, европските лидери го притиснаа тогашниот украински претседател Петро Порошенко да потпише примирје, под сериозно неповолни услови.

Утехата за Киев гласи дека Украина и Русија за време на војната имаат спроведено повеќе размени на затвореници и дека таквите размени се базираат чисто на личен интерес и никогаш до сега не отвориле простор за мировни преговори.

За дел од украинските функционери размената е само враќање на практиките од Студената војна кога едната и другата страна редовно си ги враќаа дисидентите и шпионите што ги имаа заробено.

5 август 2024 - 15:31