Проектот за чистење на Фукушима е комплетно финансиран од државни пари, а средувањето на областа поголема од Хонг Конг ќе чини околу 35 милијарди долари.
Во октомври бездомниците од железничката станица во Сендаи беа собрани и потоа однесени да работат на расчистување на радиоактивната почва и отпадоците во Фукушима. Според полициските извештаи тие за тоа биле платени под минималецот.
За еден час чистење радиоактивни отпадоци во Фукушима бездомниците земале по 6 долари, што е под минималецот од 6,5 долари на час.
Проблемот кај овој и кај другите случаи е што во проектот се вклучени околу 20 големи градежни компании и секоја сама избира како и од каде ќе најде работници за чистењето на областа. Освен нив има уште голем број мали компании што се ангажирани како подизведувачи.
Заради големината на подвигот намалени се и критериумите за тоа кои градежни фирми можат да работат на државни проекти, па сега на тендерите се пријавуваат и избираат компании кои ја немаат потребната сертификација.