Во изминативе два месеца американската морнарица над Црвеното море има соборено 38 дронови и повеќе проектили истрелани од Хути бунтовниците од Јемен. Само во саботата разорувачот УСС Карни пресретнал 14 дронови.
Хутите тврдат дека нивните напади над Црвеното море се во знак на поддршка на Палестинците и дека истите нема да престанат додека Израел не ги прекине операциите во Газа.
Политико пренесува дека функционери на Пентагон се загрижени од тоа што нападите на Хутите, кои главно се вршат со ирански проектили и дронови, и нешто малку проектили од домашно производство, треба да се спречуваат со поморски ракети кои чинат и до 2,1 милион долари од парче.
Од Пентагон се свесни дека сметководствено ја губат битката, а американски воени експерти порачуваат дека дури и кога успешно ќе соборат дрон, тоа оди во корист на непријателот.
„САД мора да почнат да разгледуваат системи кои можат да ги поразат овие закани кои повеќе одговараат на трошоците што тие ги имаат за да нè нападнат,“ објаснува поранешниот функционер на Пентагон и офицер на ЦИА, Мик Малрој.
Иако Пентагон официјално не открива што оружје се користи во одбрана на Црвеното море, поранешни функционери објаснуваат дека единствено логично е да се лансира СМ-2, проектил со среден домет кој може да достигне брзина од 92 до 130 наутички милји. Последната варијанта од ова оружје, Блок 4, чини 2,1 милион од парче.
Разорувачи како УСС Карни на располагање имаат и 5-инчен топ кој е тестиран за одбрана од дронови и е поевтин од проектилите, но неговиот домет е помалку од 10 наутички милји „што веројатно е премногу блиску“. Разорувачите располагаат и со уште неколку системи чиј домет е околу 5, односно 1 наутичка милја.
„Експертите предупредија и дека разорувачите се ограничени колку проектили можат да лансираат пред да треба да се вратат на пристаниште за да наполнат муниција, а секој брод има над 90 цевки за проектили. Меѓутоа имајќи го предвид бројот на разорувачи во регионот, најмалку 4, залихата нема да е проблем барем во скоро време,“ објаснува Политико.
Наспроти американскиот, арсеналот на Хутите главно се состои од јуришни дронови, претежно од иранско производство кои најмногу чинат по 2.000 долари. Поголемиот модел, Шахид-136 чини околу 20.000 долари.
Процената е дека до сега бродските превозници имаат пренасочено стока во вредност од 35 милијарди долари по други рути заради страв од напади од Хутите.