
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон своевремено при посетата на Кина им порачал на кинеските власти: „Вие имате премногу инженери, а ние имаме премногу адвокати. Ајде да тргуваме!“.
Ова повеќе не е шега. Кина денес има повеќе од 20 милиони инженери, повеќе од било која друга земја во светот. Педесет од нив се меѓу 200-те избрани делегати на Конгресот на комунистичката партија што имаат право да гласаат за новиот петгодишен план за развој. Дури 36% од студентите се запишуваат на техничките факултети и нивниот број постојано се зголемува.
Се очекува новата петолетка, како и претходната да се потпира на големи инфраструктурни проекти, лабораториски и металуршки истражувања и софтверски иновации. За тоа сведочи и одлуката од 1 октомври за воведување специјална виза за привлекување млади дипломирани инженери, научници и математичари, дури и ако немаат обезбедено спонзорство од работодавач.
Инженерството стана извор на гордост и моќ во Кина. Таа е посветена на инфраструктурата и индустријата, на мостовите и фабриките, градењето и создавањето, дури и со некои дистописки излети во социјалниот инженеринг, режимот „нула ковид“ и политиката „едно дете“, забележува Ден Ванг, автор на книгата „Breakneck“.
Наспроти големиот интерес, неколку години во низа се намалува уделот на градежништвото и производството во вкупниот БДП на Кина. Економските аналитичари тоа не го сметаат за аномалија, туку за доказ дека земјата созрева во зрела економија. Истражувања покажуваат дека инженерството е најпопуларно во средно развиените економии, како на пример малезиската. Во зрелите, учеството на производството и градежништвото се намалуваат во корист на сервисниот сектор.
Раководството на Кина еднаш веќе се помири со ова економско правило. Во својата 13-та петолетка, која го опфати периодот од 2016 до 2020 година, како приоритет беше поставено зголемување на уделот на услужните дејности од 50,5% на 56% во вкупниот БДП. Во овие години инженерите им го отстапија местото на студенти по менаџмент, општествени науки, дури и на адвокати.
Пекинг, сепак, беше принуден да им се врати на индустрискиот развој и иновациите за да се одбрани од санкциите што ги наметнаа западните земји. Објавувајќи ја следната петолетка, претседателот Си Џинпинг истакна дека Кина мора да изгради „комплетен индустриски систем што ќе ја направи помалку зависна од другите, а другите повеќе зависни од неа“.
Овој пресврт сепак не помина без проблеми за индустријата, што може да има влијание врз следната петолетка. Фабриките произведуваат повеќе отколку што има купувачи, а многу новоизградени станови остануваат празни. И студентите што се запишуваат на инженерски студии се попребирливи. Според анкета од агенцијата за вработување Џаопин спроведена лани, само 37% од студентите по инженерство прифаќаат работниот век да го почнат во производството. Повеќето од нив се гледаат себе си во ИТ секторот.
******
Види и: Зошто западни бизнисмени се враќаат избезумени од Кина?