До сега не постои преседан во историјата кога толкав број луѓе имале така непречен физички пристап до комплетната ИТ и останата инфраструктура на американскиот Конгрес. Последен ваков напад на Капитол се случува во 1814 кога еден дел е запален од британските сили.
Речиси и да не постои некое безбедносно ИТ кошмарно сценарио што не е опфатено со упадот, од поставување уреди за прислушување во канцеларите на конгресмените, вадење податоци од отклучените компјутери низ канцелариите, или инсталирање малвер на истите, до „ситници“ како откривање на безбедносните процедури и податоци од украдената опрема.
Дел од мерките за справување со проблемот се веќе стандардна процедура, како прегледување на сите снимки од безбедносните камери за да се утврди што, кој и каде фаќал. Главна слабост на ова е што добар дел од Конгресот, вклучително и канцелариите не се под надзор. Друга рутинска проверка е пребарување на уреди за прислушување, како микрофони или камери.
Вака страотниот исход се должи и на тоа што Конгресот, кој се води како „Домот на народот“ има лабаво обезбедување „на ниво на болница, а голем дел од просториите се отворени и достапни ако имаш причина да си таму“.
„Една работа што можам да ви ја гарантирам е дека сега во Техеран, во Москва, во Пекинг има луѓе што седат на состаноци и размислуваат како да го искористат ова (протекување на информации),“ изјавува Келвин Колман, извршниот директор на Националната алијанса за сајбер-безбедност.
Колман смета дека главна работа што треба да биде завршена од конгресниот ИТ персонал е да направи попис на сите уреди што се украдени и да почне со масовно ресетирање лозинки, додавање на автентикација со повеќе фактори на сите сметки што го немаат тоа до сега, бришење на сите хард дискови и прочешлување на сите логови за знаци на пристап до или вадење на документи.