
Угледната ревизорска компанија Делоит призна дека користела генеративна ВИ како помош во изготвувањето на извештајот за владата на Австралија, но објави дека ќе ја врати само последната рата од договорот во вкупен износ од 290.000 долари.
Сенаторката Барбара Покок побара Делоит да ја врати целата сума, а не само последната рата. Нејзината колешка Дебора О’Нил прашува која е ползата од големите ревизорски компании, ако ги префрлаат обврските на алатки со ВИ, без да го проверат резултатот.
Делоит има проблем со човечката интелигенција. Ако не беше жално, ова ќе беше смешно. Секој што сака да склучи договор со овие фирми треба да добие потврда дека на експертизата се ангажирани експерти. Инаку, наместо да плаќаат скапи консултантски фирми би можеле да се регистрираат за ЧетГПТ, изјави О’Нил.
Делоит во декември 2024 година бил ангажиран да изготви извештај за усогласеност на Одделението за вработување и трудови односи со информатичкиот систем за автоматизирање на казните за лица што примаат социјална помош, а не ги исполнуваат обврските.
Во извештајот, објавен во јули, се посочува на широко распространети проблеми, на неусогласеност на правилата со законските рамки и на системски дефекти. Но, извештајот бил повлечен во август откако било забележано повикување на референци што не постојат.
Извештајот содржи грешки типични за вештачката интелигенција, која почнува да халуцинира каде што не може да пополни празнини, погрешно толкува податоци или настојува да погоди одговори. Тоа значи дека оригиналното тврдење изнесено во извештајот не се базирало на ниту еден конкретен доказен извор, изјави академикот Кристофер Раџ од Универзитетот во Сиднеј, кој прв ги открил грешките.
Во ажурираната верзија Делоит додал референца за употребата на јазичниот модел ГПТ-4о на Опен АИ, но останал зад оригиналните наоди од извештајот.
Прашањето е решено директно со клиентот, изјавил портпарол на Делоит.
Големите консултантски фирми вложуваат милијарди долари за развој на сопствени модели со ВИ заради зголемување на ефикасноста. Во септември Делоит најави инвестиција од 3 милијарди долари за развој на ВИ до 2030 година. Пред само два дена постигна договор со Антропик за користење на моделот Клод за 470.000 ревизори и консултанти.