Прв тест за откривање на подмолниот хроничен замор

Развиен е првиот тест за дијагностицирање на Синдромот на хроничен замор. Уште не се познати причините за оваа состојба која се развива бавно и може да биде препознаена дури кога ќе ги преоптовари телото и умот. Останува без дијагноза во 90% од случаите. Зачестил по панедемијата и се поклопува со долгиот ковид, што укажува дека од синдромот веројатно страдаат стотици милиони луѓе.

Мијалгичен енцефаломиелитис, познат и како Синдром на хроничен замор (ME/CFS), ќе може да се открие со нова техника на анализа на крвта, тврдат научници од Универзитетот во Источна Англија и од Оксфорд Биодајнамикс. Досега немало тест и лекарите можеле да ги откријат само пациентите со тешки симптоми.

ME/CFS е сериозна и онеспособувачка болест што се карактеризира со екстремен и долготраен физички и ментален замор кај луѓе без изразени активности. Заморот не се ублажува со одмор. Пациентите се будат уморни дури и по долг сон. Покрај болките во мускулите и зглобовите, се намалуваат способностите за концентрација, паметење и процесирање на информации, што се опишува како „мозочна магла“. Пациентите се претерано чувствителни на светлина, звуци и хемикалии.

Пациенти пријавуваат дека биле игнорирани од лекарите, кои ги убедувале дека „сè во нивната глава“. Без дефинитивни тестови, многу пациенти со години останале без дијагноза или со погрешна дијагноза. Развивме едноставен тест на крвта што прецизно ја потврдува состојбата, вели водечкиот истражувач, професорот Дмитриј Пшежецки од Медицинскиот факултет во Норич.

Научниците се фокусирале на начинот на кој е превиткана ДНК во три димензии. Во нивното истражување биле опфатени 47 пациенти со тешка форма на синдромот и 61 здрави лица. Техниката овозможила препознавање на знаци од болеста со прецизност од 96%.

Експерти повикаа на повеќе испитувања кај поширока популација пациенти, за да се утврди дали тестот може да открие траги од болеста и во раната фаза.

Ова е важен чекор во потрагата по дијагностички тест. Сепак, тестот на крвта мора да биде многу чувствителен и специфичен. Треба да знаеме дали абнормалноста е присутна во раните фази на ME/CFS, како и кај луѓе со долготрајна болест што имаат лесни или умерени симптоми, вели Д-р Чарлс Шеферд, медицински советник на Здружението за хроничен замор.

Претходни истражувања покажуваат дека до 80% од пациентите хроничниот замор бил активиран од инфекции од разни вируси, вклучувајќи го и САРС-КоВ-2, и го поврзуваат со долг ковид.

Пред пандемијата, општата проценка беше дека синдромот погодува помеѓу 17 и 24 милиони луѓе. Но, анализа на истражувања за долг ковид од мај 2025 година проценува дека 51% од овие пациенти развиваат симптом на хроничен замор. Тоа би можело да значи дека од оваа состојба денес страдаат околу 275 милиони луѓе.

8 октомври 2025 - 10:43