На европските сојузници им фали дигитална кичма

Операцијата Епски бес против Иран откри колку е важен дигиталниот „облак“ за логистиката на современите војни. За време на кампањата максималната дневна употреба на систем за таргетирање со ВИ на Пентагон се зголеми за 4.425%. Тоа е недостижно за европските сојузници, кои немаат свој „облак“, секој влече на своја страна и не можат да усогласат стандарди.

Кога Микрософт во 2025 година ненадејно му ја блокираше електронската пошта на главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд, Карим Кан, поради санкциите воведени од САД, европските лидери се соочија со суровиот факт дека Вашингтон може по сопствена волја да им ја укинат дигиталната подлога на која функционираат нивните влади.

Не постои такво нешто како среќно вазалство, сумираше францускиот претседател Емануел Макрон.

Европските земји оттогаш прават напори да ја елиминираат таа ранливост, вложувајќи во национални „облаци“ и префрлање на податоци и обработка на локална инфраструктура. Овој импулс сега се зацврстува во политиката на ниво на блок преку Стратегијата за технолошки суверенитет на Европската комисија, која охрабрува домашни алтернативи преку чипови, облаци и вештачка интелигенција.

Три комерцијални провајдери: Amazon Web Services, Microsoft Azure и Google Cloud, засега обезбедуваат голем дел од дигиталната инфраструктура и за цивилниот и за одбранбениот сектор.

Низ историјата оваа логистика беше безбедна и далеку од фронтот. Денес таа е ранлива на кибернетски напади, проектили со долг дострел, антисателитско оружје и политички притисок врз комерцијалните провајдери. При евентуален напад врз членка на НАТО и активирање на Членот 5 за колективна одбрана, Алијансата нема компјутерски капацитет до кој може заеднички да се пристапи од каде било.

Мојот најголем страв во овој момент навистина не е противникот. Мојот најголем страв е, можеме ли да останеме во чекор?, оцени Камерон Стенли, главен офицер за дигитална логистика и ВИ на Пентагон.

Иако сака да стане независна од американскиот „облак“, Европа не може да договори сопствен. Сите зависат од комерцијални инфраструктури, кои САД може да ги исклучи. Тоа потсетува на раните фази од НАТО, кога секоја членка имаше посебен калибар на муниција, сопствен стандард за гориво и различни протоколи за комуникација. Колку и да е напреден секој систем, тие не можат да се користат заедно и вкрстено.

Тоа придонесе за стандардизација на муницијата и на протоколите. Но, нема стандарди за дигиталната логистика.

Тие може да се воведат со правен акт, но во Европа не оди така лесно. Германија ја засили својата реторика за градење дигитален суверенитет. Европската комисија фаворизира континентални провајдери како OVHcloud, SAP и Mistral. Проблем прават и водечките компании, пред се Amazon и Microsoft, кои во трката за доминација развиваат посебни системи.

САД својот проблем го решија во 2022 година, кога постигнаа „мултиклауд“ договор со четири добавувачи - Amazon, Google, Microsoft и Oracle за да го избегнат ризикот од прекин на услугите ако еден добавувач затаи поради корпоративна одлука или политички пресврт.

12 јуни 2026 - 08:53