Според УНИЦЕФ, повеќе од 340 деца се досега убиени а илјадници се повредени само во војната на САД и Израел против Иран. Уште на првиот ден се случи оној погром, кога во американски ракетен напад врз женско училиште во Иран загинаа најмалку 160 деца и наставници (види: Штета што не веруваме во пеколот).
Израелската инвазија на Либан - и неговите континуирани напади во окупираниот Западен Брег и Газа - го зголемија страдањето. Низ целиот регион, повеќе од 1,2 милиони деца се раселени. Службите и системите кои треба да ги штитат се слабо ефикасни бидејќи и самите се нападнати.
Со бомбардирање и наредби за напуштање на местото, Израел во Либан има присилно раселено над 1,1 милион луѓе, вклучувајќи речиси 400.000 деца. Речиси 90% од тој вкупен број живеат надвор од засолништа, многумина спијат на улица.
И покрај прекинот на огнот во Газа, стар повеќе од пет месеци, најмалку 50 Палестинци се убиени од израелските сили откако започна конфликтот со Иран.
Појасот е далеку од опоравување од 23-те месеци безмилосно израелско бомбардирање, во кое загинаа десетици илјади луѓе и беа уништени болници и училишта во она што истрага на ОН го оцени како геноцид.
Според „Спасете ги децата“, до октомври лани, во просек најмалку едно палестинско дете било убивано СЕКОЈ ЧАС. Бројот на деца убиени од израелските сили во војната против Газа надмина 20.000 кон крајот на 2025-та.
На окупираниот Западен Брег, израелските доселеници и ИДФ го ескалираа насилството врз Палестинците. На 15 март, израелската полиција застрела двајца млади палестински браќа и нивните родители во Тамун, пукајќи во автомобилот на семејството додека се враќале од рамазанско пазарување.
Петгодишниот Мохамед и седумгодишниот Отман - кој бил слеп - беа убиени заедно со нивната мајка (35) и татко (37). Други двајца браќа преживеале. 11 годишниот Халед подоцна рекол дека ја слушнал мајка си како плаче и татко си како се моли пред да бидат убиени. По пукањето, израелската гранична полиција го извлекла од урнатините, го исмејувала, го тепала а еден полицаец му рекол: „Убивавме кучиња“, пренесува Гардијан.
Од друга страна, постојат извештаи дека Исламската револуционерна гарда на Иран користи деца за да чуваат контролни пунктови. Хјуман рајтс воч тврди дека се спроведува кампања за регрутирање деца, да се пријават како волонтери како „борци кои ја бранат татковината“.
Се примаат веќе на 12 години.
Немилосрдните напади низ регионот ги уништуваат и оштетуваат објектите и инфраструктурата од кои зависат децата, вклучувајќи болници, училишта и системи за вода и санитација. Иранската Црвена полумесечина соопшти дека 316 медицински центри и 763 училишта биле сериозно оштетени или уништени од израелските напади поддржани од САД.
Овие напади и општото насилство го сопреа образованието. „Спасете ги децата“ соопшти дека на најмалку 52 милиони деца на училишна возраст во регионот, образованието им е прекинато или нарушено.
52 милиони деца.