Користејќи ја платформата Dronewatch, холандскиот портал Троув анализирал вкупно 61 инцидент со дронови во 11 европски земји во изминатите три месеци и открил општа конфузија, чести лажни аларми и малку цврсти докази за руска вмешаност.
По инцидентите во Данска, Белгија и во Германија веднаш беше посочено на вмешаност на „државен актер“ или директно Русија, уште додека траела истрагата.
Данската премиерка Мете Фредериксен, кратко по тревогата за беспилотни летала во близина на аеродромот во Копенхаген кон крајот на септември го нарече инцидентот „напад врз данската критична инфраструктура“. Сепак, до ден-денес останува нејасно дали светилките над аеродромот навистина биле дронови. Реконструкцијата што ја направи националната телевизија ТВ2 покажува дека многу поверојатно станува збор за летала од редовниот воздушен сообраќај.
Се сомневаме дека Русија стои зад повеќето од овие летови на беспилотни летала, рече канцеларот Фридрих Мерц по инцидентите на аеродромот во Минхен во октомври, без да даде никакви докази.
Во приближно четириесет инциденти, потеклото не леталото останува нејасно или воопшто нема докази дека имало дрон. За 14 случаи е потврдено дека тревогата била крената по грешка. Во Белгија за дронови биле сметани мали авиони и полициски хеликоптер. При два инциденти во Данска била објавена тревога поради ѕвезди, а „дронот“ забележан близу норвешка нафтена платформа во Северно Море веројатно бил брод.

Само во неколку наврати било утврдено дека дроновите навистина се дронови, но без никаква зла намера. Полицијата во Варшава што истражувала надлетувања над владини објекти уапсила украински државјанин и 17-годишна белоруска девојка, но не открила докази дека тие биле вклучени во операција за извидување или шпионажа.
Исклучоци се неколку инциденти во Полска, Романија и Молдавија, каде што руски беспилотни навистина ги нарушиле воздушните простори. Во Полска холандски авион собори руско беспилотно летало и беа откриени остатоци од урнат руски дрон.
Холандските власти реагираат највоздржано, по инцидентите во воздухопловната база Волкел и аеродромот на Ајндховен. Жандармеријата распоредила оружје, но вели дека нема причина за паника. Пријавите обично доаѓаат од очевидци.
Добиваме многу извештаи, но не секогаш се дронови, објави Жандармеријата.
Експертите ја нагласуваат важноста од инсталирање системи за детекција на дронови. Откако таков систем бил поставен во Белгија пред неколку недели, повеќе нема тревоги.