„Аналитичари изразија загриженост дека односите меѓу Србија и Косово, кои и во најдобри времиња се напнати, последниве месеци стануваат се понепријателски. Во септември во Северно Косово избувнаа насилства, а Белград одговори со трупање воени сили на својата граница.
Сега стравот е дека насилствата во овој југоисточен дел од Европа би можело да се претвори во вооружен конфликт додека светот е зафатен со војната во Украина,“ анализира Си-ен-би-си.
Процената на аналитичарите што тие ги пренесуваат е дека насилствата што се случуваат на Косово треба да алармираат, и дека тие повеќе не се политичка работа, туку сериозно безбедносно прашање за регионот и Европа.
Тие објаснуваат дека последната рунда немири почнува уште пролетва кога на локалните избори во Косово во српски доминантни општини се избрани етнички Албанци, откако Србите одбија да гласаат на изборите. Немирите продолжија летово, а ескалираа деновиве со инцидентите во Бањска.
Холи Елихат во текстот за Си-ен-би-си објаснува дека НАТО има војска во Косово уште од крајот на војната во 1999, и дека го зголемило бројот на војници по напнатоста во септември, а Србија првично ги негираше критиките од Западот околу поставувањето дополнителни сили на границата со Косово, за неделава да признае дека за половина ја намалила војската што била стационирана на границата по инцидентот во Бањска.
Вучиќ минатата недела во интервју за Фајненшл тајмс изјави дека Србија нема намера да нареди војската да ја мине границата со Косово и на тој начин да ја уништи позицијата што земјата ја гради со години.
Аналитичарите го наведуваат судирот меѓу Азербејџан и Ерменија како пример за тоа како молневито брзо може да започне војна во Европа под сенката на војната во Украина, бидејќи периодов држави со долгогодишни нерешени конфликти би можеле да одлучат да ја употребат својата воена доминантност за решавање на своето прашање.
„Имаме долгогодишен судир и неодржлив статус-кво кој е под притисок од доминантна војска, која сака да види дали на некој друг му е доволно гајле за да интервенира.
Во овој случај, тоа е НАТО, меѓутоа шансите за инвазија значително пораснаа последниве неколку денови,“ објаснува основачот на Евроазија групата, Иан Бремер.
Она што на аналитичарите им дава надеж дека на Косово нема да пукне е желбата на Србија да се зачлени во ЕУ, и последиците, воени и политички, што би ги претрпела во случај да реши да влезе на Косово.