Обвинувајќи го Западот дека испорачува оружје со „нуклеарна компонента“, Путин порача дека Русија ќе биде „присилена да реагира“ ако Британија и ги испорача на Украина гранатите со осиромашен ураниум.
„Ако ова се случи, Русија ќе мора соодветно да одговори, имајќи предвид дека Западот колективно веќе почнува да користи оружје со нуклеарна компонента,“ порачал Путин за време на посетата на Ши на Москва.
Во исто време, рускиот министер за одбрана, изјави дека моментално се останати се помалку и помалку чекори пред потенцијален нуклеарен судир меѓу Русија и Западот.
Аргументот на британското министерство за одбрана е дека осиромашениот ураниум „е стандардна компонента и нема никаква врска со нуклеарно оружје“.
„Британската армија со децении користи осиромашен ураниум во своите противоклопни гранати.
Русија го знае ова и намерно се обидува да дезинформира. Независно истражување од научници од групи како Кралското друштво проценија дека влијанието што би го имало користењето на муниција со осиромашен ураниум врз личното здравје и животната средина најверојатно ќе биде ниско,“ порачуваат од британското министерство за одбрана.
На сличен став се и британски воени експерти и поранешни припадници на армијата, според кои муницијата за Челенџер 2 содржи само траги од осиромашен ураниум и дека тие не можат да се поврзат со нуклеарно оружје за кое се користи збогатен ураниум.
Осиромашениот ураниум е 1,7 пати погуст од оловото, и се користи за засилување на врвот на гранатите за да можат да го пробијат оклопот на тенковите и слични возила, по што следува експлозијата.
Во исто време САД објави дека на Украина нема да и испраќа муниција со осиромашен ураниум.
Гранати и бомби со осиромашен ураниум беа користени и во НАТО бомбардирањето на Југославија.
Во извештај од 2022 на Програмата на ОН за животна средина, се тврди дека „осиромашениот ураниум и токсичните состојки во експлозивите можат да предизвикаат иритација на кожата, проблеми со бубрезите и зголемен ризик од рак. Хемиската токсичност на осиромашениот ураниум се смета за поголем проблем отколку можното влијание на неговата радиоактивност.“