
Домаќинства со вкупно 4,2 милиони луѓе во Германија во изминатата година не ги платиле редовно сметките за потрошена енергија или за комунални услуги, покажуваат статистички податоци. Тоа е околу 5% од вкупната популација.
Во претходната година бројките биле уште полоши. Заостанати сметки за струја имале 5,4% од граѓаните.
Статистичарите објаснуваат дека најпогодени биле семејствата и лицата што живеат под кирија, кои имале двојно повеќе неплатени сметки во споредба со сопствениците.
Многу луѓе немаат доволно пари, не само за електрична енергија или гас. Неочекуваните трошоци, како поправка или замена на неисправни домашни апарати, уште повеќе го зголемуваат финансискиот товар врз домаќинствата, наведува Федералниот завод за статистика.
Во поширок контекст, во 2024 година речиси една третина (32,2%) од Германците живееле во домаќинства што не биле во можност со средствата што им се на располагање да ги покријат неочекуваните трошоци, дефинирани со износ од најмалку 1.250 евра. Во 2023 година тоа било преголем товар за 35% од жителите.
Цените за комунални услуги, како водоснабдување, ѓубретарина и тековно одржување, во август биле за 4% повисоки отколку во истиот месец лани.
Властите ги охрабруваат потрошувачите дека најлошото поминало. Електричната енергија, гасот, маслото за греење, парното и цврстите горива во изминатиот месец биле за 2,3% поевтини отколку во август 2024 година.