Мемето со Мекдоналдс оброк од 16 долари е проблем за Белата куќа

Во време кога и најдобро скоцканите и оптимизирани клипови на интернет имаат животен век од само неколку дена, видео од бургер, помфрит и пијачка од Мекдоналдс за кои се платени 16,1 долар снимено кон крајот на 2022 повторно воскресна и се шири по интернет како симбол на економската хаварија во која се наоѓа Америка, и е и тоа како проблем за демократите.

Освен по социјални мрежи, видеото доби на внимание и од медиуми како Њујорк пост, пренесувајќи го како одраз на состојбата на американската економија.

„И тоа станува се понеподнослив проблем за демократските политички стратези и економисти кои до сега не успеа да испратат порака дека на економијата всушност добро и оди,“ пишува Алисон Мороу во текстот за Си-ен-ен.

Признавајќи дека периодов скокнале цените на сè и сешто, Мороу се обидува да појасни дека иако сметката и видеото не лажат, сепак се работи за посебна серија на бургери (чаден дупли бургер со сланина и кашкавал) кој се пушта во продажба од време на време и е далеку поскап од цените на вообичаените бургери на менито на Мекдоналдс.

Таа потсетува дека цената на просечен Биг мек во САД летово била 5,58 долари, што е само 75 центи поскапо од просекот во јануари 2020, но и покрај тоа многу повеќе внимание доби веста од Си-би-ес дека Биг мек комбо оброк во Конектикат бил 18 долари.

„Во времето пред ТикТок или Јутјуб, моментот со бургер од 16 долари ќе траеше само неколку секунди. Човекот што го купи ќе се изнервираше и на крај со уживање ќе го изедеше оброкот, или можеби ќе прашаше на каса да не е грешка некоја.

Меѓутоа во време на социјални мрежи, гневот се објавува, се издига и засилува, хранејќи ја огорченоста на другите луѓе од светот во кој храната, домувањето и бензинот се поскапи отколку што биле во минатото,“ пишува Мороу.

Таа смета дека и покрај инфлацијата, економијата е еден до најголемите успеси на Бајден, но „американските гласачи упорно им кажуваат на анкетарите дека тие не ги чувствуваат добрите вести што економистите ги гледаат во статистиките.“

29 ноември 2023 - 10:56