Математики за апокалипса

Добрата вест е што во случај на нуклеарна војна меѓу САД и Русија планетава некако ќе преживее. Лошата вест е дека едно 5 милијарди луѓе од сегашната популација на планетава нема да преживеат. И тоа не од нуклеарките, туку од глад.

Две-третини од населението на планетава ќе умре од глад во рок од две години по нуклеарна војна меѓу САД и Русија, заклучуваат научниците од Рутгерс универзитетот.  Гладот од оваа војна ќе опфати три-четвртини од населението а ќе убие 5 милијарди луѓе.

Дури и помал нуклеарен судир, пример Индија и Пакистан, ќе предизвика смрт на 2,5 милијарди луѓе во рок од 24 месеци.

Најголемата штета ќе биде последица на затемнувањето на Сонцето предизвикано од пожарите по детонацијата на нуклеарниот арсенал.

Дури и според најмалото нуклеарно сценарио, производството на храна базирано на калориската содржина ќе се намали за 7%. Кај најголемото, отворен конфликт меѓу САД и Русија, падот ќе биде 90% во рок од три до четири години.

Пораката на истражувачите, дадена во време кога луѓето со нуклеарните ракети најмалку сакаат да ја чујат, е дека единствено долгорочно решение е забранување на нуклеарното оружје.

22 август 2022 - 11:01