Масовната тепачка од која може да започне Трета светска војна

Тепачката меѓу индиските и кинеските војници вклучувала пендреци обвиени со бодликава жица и неколку индиски војници турнати во планинските бездни на Хималаите.

Наводно целата пресметка започнува откако индиската војска тргнува да провери дали кинеските војници го испочитувале ветувањето дека ќе се повлечат од една стратешка позиција на границата меѓу двете земји.

Конкретниот граничен премин е некаде на повеќе од 4300 метри надморска височина (врвот на Водно е на 1066, Кораб е на 2764 метри надморска височина).

Станува збор за физичка пресметка со раце и импровизирани орудија (пендраци со бодкликава жица) бидејќи на границата е забрането оружјето како не би дошло до ескалација на насилствата. Тепачката се одвива на тесен планински гребен на Хималаите, па во судирот неколку од индиските војници загинуваат паѓајќи во провалиите под нив.

Индија потврди дека најмалку 20 нејзини војници загинале во судирот, а индиските медуими објавија дека и кинеската војска претрпела бројни жртви. Кинезите уште не соопштуваат никакви бројки.

Индијците тврдат дека кинеските војници сакаат да подигнат објект на „нашата страна од територијата“, додека Кинезите обвинуваат дека индиските сили упаднале на кинеска територија и го „испровоцирале“ инцидентот.

Иако комплетната кинеска медиумска машинерија само протоколарно го проследи целиот инцидент, а социјалните мрежи беа речиси празни, Фајненшл тајмс го пренесува твитот на главен уредник на еден кинески националистички таблоид, според кого „најголемиот дел од индиските војници загинале од изложеност на температура под нулата, а не од тепачката“.

„Ова не е армија со реални модерни борбени способности на ваква висина. Индиското јавно мислење треба да биде свесно за тоа,“ пишува Ху Ксиџин во Глобал Тајмс.

18 јуни 2020 - 10:32