Мајкрософт нелегално следел ученици

Австрискиот регулатор за заштита на податоци пресуди дека софтверскиот гигант Мајкрософт нелегално ги следел учениците преку својата платформа 365 Education за онлајн настава за време на пандемијата и не дава одговори како ги користел нивните податоци. Мајкрософт настојувал да ја префрли одговорноста до локалните училишта, кои немаат речиси никаква контрола врз платформата.

Пресудата би можела да има далекусежни ефекти за Мајкрософт и неговите обврски да ги информира корисниците на софтверот 365 низ цела Европа и да им објасни како ги користел нивните податоци, наведува организацијата за дигитална приватност noyb, која ја покрена постапката.

Жалбата датира од пандемијата ковид-19, кога училиштата целосно се префрлија на онлајн настава, користејќи програми како 365 Education. Кога организацијата побарала одговор кои информации од децата се обработуваат, со предупредување дека евентуалната злоупотреба може да поттикне масовни тужби, Мајкрософт одбил да одговори. 

Мајкрософт ја префрли целата одговорност за почитување на законите за приватност врз училиштата и националните власти - кои имаат мала или никаква реална контрола врз користењето на податоците на учениците. Училиштата можеа да обезбедат само минимални информации и немаа пристап до оние што му припаѓаа на Мајкрософт, забележува noyb.

Поради ова, тужбата била адресирана и против училиштата, и локалните и националните образовни власти и против сопственикот на софтверот.

Мајкрософт, како контролор, го прекршил правото на пристап на подносителот на жалбата со тоа што не обезбедил целосни информации за обработените податоци при користење на Education 365, се наведува во пресудата.

На компанијата ѝ е наредено да обезбеди целосни информации за пренесените податоци и да даде јасни објаснувања за термини како што се „внатрешно известување“, „деловно моделирање“ и „подобрување на основната функционалност“. Исто така, мора да открие дали информациите биле пренесени на трети страни.

Технолошките гиганти настојуваат да ја добијат целата моќ, но ја префрлаат сета одговорност врз европските клиенти. Доколку Мајкрософт фундаментално не го промени поставувањето на своите производи, европските комерцијални клиенти нема да можат да ги исполнат своите обврски, вели Макс Шремс, адвокат за заштита на податоци во noyb.

14 октомври 2025 - 07:59