ЛМУР, проектилот што ја кочи украинската контраофанзива

Додека Украинците со крајни напори гледаат некако да маневрираат низ лавиринтот копнени пречки на фронтот (од ровови до мински полиња), Русите ги ескалираат проблемите во игра вклучувајќи го „изненадувањето на сезоната“ хеликоптерите Ка-52М и нивните ЛМУР проектили.

М варијантата на Ка-52 наводно е развиена со дополнителните искуства од војната во Сирија. Тврдењето е дека таа има модернизирана електро-оптичка купола за нишанење, наредни комуникации и можност за носење на нови проектили, вклучително и озлогласениот ЛМУР (Лесна повеќенаменска наведувана ракета).

ЛМУР има домет од околу 15 километри, што на екипажите на Ка-52 им дозволува да стрелаат вон дометот на украинската воздушна одбрана. Претходно хеликоптерите можеа да товарат само Вихр и АТАКА анти-тенковски проектили кои беа ласерски наведувани и имаа домет од 10 и 6 километри. Плус за овие ракети е потребно метата да биде во видно поле.

Ваквите перформанси се карактеристични за хеликоптерите на двете страни, заради што тие и немаа некоја голема улога во досегашната војна.

За разлика од ласерски наведуваните, ЛМУР користи комбинација на термална камера и сателитска навигација. Во директен оган, операторот користејќи термален сензор ја закачува ракетата на метата и пука (нешто слично како што функционира американски џавелин). За подолг домет, операторот може да ја лансира ракетата кон мета што не му е во видно поле и да ја испрати кон конкретни координати, а потоа да го искористи термо-сензорот за да се закачи на метата.

Во војната проектилот прв пат беше искористен во јуни минатата година, но тогаш беше лансиран од Ми-28 и главно се користеше за рушење објекти. До почетокот на војната ЛМУР се врзува со Ка-52М со што ја добива својата намена како анти-тенковски проектил.

Аналитичарот на Форбс проценува дека проблемот со Ка-52 Украинците ќе можат да го решат само со плус Патриот системи или со Ф-16ки.

31 јули 2023 - 12:35