Дали американските лекари ќе се изборат за слобода на говор?

Ако има една работа во која се истакнува модерната ера, тоа е да се погрижи да не им е удобно на оние со непопуларни мислења. Само прашајте ги лекарите кои сега го изнесуваат својот случај пред Врховниот суд, откако медицинскиот одбор на Калифорнија одлучи дека нивните ставови за ковид-19 не заслужуваат дебата, туку дисциплинска постапка.

Коалиција на лекари, заедно со групи како Детската здравствена одбрана и Лекари за информирана согласност, ја кренаа до највисокиот суд во САД битката за слобода на говорот на лекарите. Суштината на нивниот случај „Кори против Бонта“, е едноставно, но незгодно прашање: Дали лекарите имаат право да кажуваат работи со кои владата не се согласува?

Случајот беше отфрлен од Деветтиот окружен апелационен суд во ноември 2024 година, но лекарите ја одбија улогата на покорни спроведувачи на медицинската доктрина одобрена од државата, па поднесоа петиција до Врховниот суд да го разгледа ова прашање.

Тужбата, поднесена против јавниот обвинител на Калифорнија, Роб Бонта, и Медицинскиот одбор на државата, го оспорува континуираното задушување од одборот врз она што го смета за „дезинформации“.

Битката почна уште во јануари 2024 година, продолжувајќи ја сагата со веќе укинатиот калифорниски Закон 2098. Тој закон, светол пример за пречекорување на законодавството, му даде моќ на државниот Медицински одбор да ги казнува лекарите што скршнале од официјалното сценарио за ковид-19. Федерален судија го блокираше во 2023 година, а пратениците на крајот го отфрлија, но не пред Одборот да го искористи како оружје за да ги казни бунтовните лекари.

Во центарот се тројца лекари: Брајан Тајсон, овластен семеен лекар и сопственик на служба за итна нега; Летрин Хоанг, педијатриски остеопатски лекар, и Пјер Кори, почесен претседател на Независната медицинска алијанса. Овие лекари не се вознемирени само поради теоретско оспорување на нивниот говор - тие лично биле цел. 

Сакаме лекарите и сите даватели на услуги слободно да разговараат за ризиците и придобивките со пациентите, да можат да проговорат за работи што се погрешни, вели Тајсон.

Медицинскиот одбор на Калифорнија очигледно верува дека оспорувањето на наративите одобрени од владата е основа за професионална пропаст. Малку фалело Тајсон да ја загуби лиценцата.

Толку се високи влоговите. Не се работи само за тоа дали лекарите можат слободно да зборуваат, туку и дали воопшто можат да продолжат да се занимаваат со медицина ако одбијат да ја следат официјалната линија.

Основното прашање во случајот „Кори против Бонта“ е дали разговорите на лекарот со пациентите се заштитени како слобода на говорот. За тоа прашање федералните судови не можат да се согласат. Во 2022 година за „Тингли против Фергусон“ Деветтиот окружен суд пресуди дека професионалниот говор е само форма на однесување, што значи дека државите можат да го регулираат. Во 2020 година во случајот „Ото против Градот Бока Ратон“, Единаесеттиот окружен суд пресуди дека ограничувањето на професионалниот говор го прекршува Првиот амандман.

Се води и поголема битка за слободата на говорот - случајот „Стоктон против Фергусон“, во кој лекарите во Вашингтон се соочуваат со слични дисциплински закани поради оспорувањето на мејнстрим наративите за ковид-19. Тој случај, во кој се појавува НБА-легендата Џон Стоктон, се бори за правото на медицинските професионалци и на јавноста да слушаат различни гледишта за јавното здравје.

Се надеваме дека ќе го воспоставиме уставното право на давателите на здравствени услуги да зборуваат против преовладувачкиот медицински и научен консензус за ковид-19, како и за какви било предизвици на јавното здравје со кои ќе се соочи земјата во иднина, вели адвокатот Рик Џафе, кој ги застапува тужителите во случајот „Кори против Бонта“.

12 март 2025 - 14:32