Пресврт во Брисел:

Кравите од загадувачи станаа богатство на ЕУ

ЕУ со години ги гледаше говедата како мали фабрики за штетни гасови кои треба да се уништат за да се спаси Зелената агенда. Брисел конечно си го преиспита ставот и во нова стратегија го прогласи добитокот за критична инфраструктура. Признава дека метанот од кравите не е толку страшен за планетата и дека фармите немаат никаква врска со фосилни горива.

Новата стратегија на ЕУ за добиток, претставена пред европратениците во Стразбур, се поврзува и со безбедносната политика. Се истакнува дека грижата за пасиштата придонесува да не се запустува површина, што придонесува за подобра заштита на источното крило на Европа. Производството на месо и млечни производи помага за подобра подготвеност за ненадејни кризи.

Добитокот не е само за земјоделството. Тоа ни дава конкурентност и придонесува за безбедност на храната и иднината на Европа“, објаснува Рафаеле Фито, потпретседател на Комисијата за кохезија и реформи во Брисел.

Комесарот за земјоделство Кристоф Хансен вели дека сточарството сè уште е успешна приказна во ЕУ -  поддржува 7 милиони работни места, генерира 400 милијарди евра годишно и придонесува за трговски суфицит од 37 милијарди евра. Но, Хансен предупредува дека бројот на грла се намалува.

Новата стратегија е голем пресврт во политиката во споредба со пред само неколку години, кога во Брисел се водеше дебата дали Европа намерно треба да ги уништува своите стада во име на заштита на природата и климата. Ограничувањата за користење азотно ѓубриво и пестициди се споија со амбициите за намалување емисиите на штетни гасови во атмосферата од кравите – обвинети дека претерано испуштаат метан откако ќе се нахранат.

Во Холандија, судските пресуди за загадување со азот ја притиснаа владата да откупува земјоделски фарми. Првичните планови предвидуваа намалување до една третина. Во протечен владин документ во Ирска се предвидуваше колење на 200.000 крави за да се исполнат климатските цели.

Земјоделците, кои беа загрозени од повеќе „зелени“ напади во исто време, во изминатите две години реагираа со паркирање на тракторите во европските главни градови. Истураа ѓубре и се судрија со полицијата.

Нивните протести допреа до бирократите во Брисел, обединети зад Зелениот договор и амбициозните климатски цели. Европската комисија се префрли од ограничувања на стимулации. Во новата стратегија се проценува дека ЕУ има премалку, а не премногу добиток, и дека се потребни инвестиции од 18 милијарди евра за поддршка на сточарството. Се истакнува дека метанот од добиток има „биогена“ природа и не може да се смета за „емисија на фосилни горива“.

Метанот, исто така, има значително помало дејство врз климатските промени. Иако овој гас задржува многу повеќе топлина од јаглерод диоксидот, природно исчезнува во рок од една деценија.

Зелените активисти, на чело со Гринпис, тврдат дека Брисел потклекнува од притисоците од лобито на производителите на месо и млечни производи. Тие тврдат дека метанот ја загрева планетата без разлика дали доаѓа од цревата на крава или од цевковод.

На ова се надоврза и Европскиот научен советодавен одбор за климатски промени, кој во март ѝ препорача на Комисијата да го намали бројот на домашни животни, да поддржи храна од растително потекло, да ги оданочува емисиите на метан од фармите и да ги укине субвенциите од индустријата.

Овие предлози се отфрлени во новата стратегија, која препорачува во ЕУ да се продава повеќе месо и млечни производи од домашни фарми. 

Ние не наметнуваме диети. Ние промовираме избор, вели еврокомесарот Хансен.

13 јули 2026 - 08:52