
Додека кардиналите одбројуваат до 7 мај, кога во Систинската капела ќе треба да го изберат следниот папа, се мобилизираат непријателите на политиката на починатиот папа Франциско. Се активира гласна фракција, која го дискредитираше Франциско како еретик, антипапа, па дури и антихрист. Конзервативците беа гневни поради либералните ставови на папата за истополовите заедници, разводот и бранењето на мигрантите.
Се надеваме дека ќе имаме понтиф што повеќе ќе се концентрира на католичките прашања, како што се животот и семејството, наместо климатските промени и имиграцијата, изјави за Политико германската принцеза Глорија фон Турн и Таксис, влијателна на римската конзервативна католичка сцена.
Конзервативците ги фаворизираат кандидатите како Атанасиј Шнајдер, бискуп од Казахстан, кој тврди дека бегалците во Европа се „масовна инвазија што води до исламизација, оркестрирана од политичките елити за да се намали европскиот христијански идентитет“, потоа кардиналот Роберт Сара од Гвинеја или американскиот кардинал Рејмонд Бурк, традиционалист што го поддржува американскиот претседател Доналд Трамп.
Раководството е полиберално, но има огромен раст на традиционализмот. Кардиналите сфаќаат дека нивните стада се стремат кон поконзервативни политики. Тоа ќе им биде на ум додека одат на конклавата, рече Џон Јеп од Католици за католиците, група што одржа молитвен настан со билети од 1.000 долари во одморалиштето Мар-а-Лаго на Трамп.
Дури и пред да почине Франциско ден по Велигден, почна кампања за дискредитирање на неговите реформи. Од 2018 година бил активиран проектот „Извештај црвена капа“ – ангажирање поранешни агенти од ФБИ за да состават досие за секој кардинал, со забелешки на нивните теолошки и пасторални приоритети и со оценки за нивното справување со скандалот со сексуална злоупотреба од свештениците. Главна цел бил кардиналот Пјетро Паролин, десната рака на Франциско и фаворит да го наследи.
Сепак, дури и самите конзервативни групи признаваат дека имаат тешка битка, бидејќи 80% од електорите се назначени од Франциско. Конзервативците, пак, немаат јасен лидер откако во 2020 година почина кардиналот Џорџ Пел.
Тоа што се промени од последната конклава во 2013 година е дека лобирањето стана дигитално. Во тек е голема поплава од анализи, мислења и кампања од надворешни групи и влијателни лица, рече Стивен Шнек, поранешен директор на Институтот за истражување на политики и католички студии.
Но, штом кардиналите се во Систинската капела, тие се отстранети од надворешно мешање.
Тешко е да се каже што ќе се случи во таа котлара. Најдобро разработените планови не секогаш го преживуваат контактот со реалноста. Оваа група кардинали никогаш немале можност да се запознаат. Тие сè уште ги истегнуваат мускулите за да видат какви луѓе се, изјави за Политико инсајдер од Ватикан.