Во изминатите неколку дена САД нападнаа речиси 200 локации во Иран и убија 14 луѓе. Во одмазднички напади, Иран повторно лансираше ракети кон воени локации во Јордан, Катар и Кувајт. Ормускиот теснец е речиси затворен. Израелската војска е во состојба на готовност.
САД и Иран уште во април се согласија на прекин на огнот. Оттогаш имаше неколку престрелки. Новите напади беа четири до пет пати пообемни од сите други откако пред еден месец претседателите Доналд Трамп и Масуд Пезешкијан го потпишаа Меморандумот за разбирање.
Вашингтон и Техеран официјално се согласуваат дека прекинот на огнот е сè уште во сила, дури и во услови на периодично бомбардирање на секои неколку недели. Тоа укажува дека дека ниту една страна нема намера целосно да ја продолжи војната.
Ги удираме по малку за да разберат дека не се зафркаваме, изјави неодамна за Аксиос висок функционер од Белата куќа.
Од правен аспект, состојбата може да се помине како прекин на огнот. Тоа важи и за примирјето во Газа, кое официјално не е прекршено иако по неговото потпишување израелските сили убија речиси 1.100 Палестинци.
Но, пошироката слика остава поинаков впечаток на војна што продолжува на неодредено време, сè додека тоа им одговара на иранскиот режим или на економските интереси на САД.
Администрацијата на Трамп не е претерано загрижена дека трајното затворање на Ормускиот теснец би ја осакатило глобалната економија и би предизвикало рецесија во САД. Иран, пак, докажа дека е способен да ги издржи американските напади. Сега внимателно ја дозира својата одмазда за да не предизвика поразорна реакција од Трамп, а во исто време да ја потврди својата решеност да го контролира комерцијалниот поморски сообраќај низ протокот.
Најголемиот проблем за администрацијата на Трамп уште од почетокот беше отсуството на јасни цели за војната. Претседателот, заведен од клучните советници, го почна конфликтот под погрешното уверување дека војната ќе заврши брзо, пред Иран да има време или капацитет да го затвори Ормускиот проток. Иран е во предност откако го докажа спротивното и сега бара јасни отстапки од САД за да прифати мир.
Трамп е соочен со тежок избор. Едната опција е да прифати договор диктиран од режимот што сакаше да го собори – траен прекин на огнот, повлекување на американските сили од регионот и гаранции од Иран дека нема да збогатува ураниум, слични на оние од договорот со Барак Обама во 2015 година.
Алтернативата е да ја одржува состојбата каква што е, со повремени потсетување до Иранците колку е моќна американската армија. Тоа би било војна што ќе се влече до бескрај сè додека, како во случаите со Ирак и Авганистан, не стане проблем за некој друг претседател.