Цената за Грција
Економистите од Комерцбанк проценуваат дека економијата, која веќе е намалена за 25% од почетокот на кризата, во првата година од излегувањето од зоната ќе се намали за дополнителни 10.
Новата драхма би паднала за 50% или повеќе во однос на еврото, додека централната банка печати уште повеќе пари за да ги одржува комерцијалните банки. Ова ќе значи дека на увозните производи како автомобили, лекови и нафта, ќе им скокне цената.
Грчките компании кои на своите снабдувачи им должат пари во евра сега ќе имаат уште поголеми долгови за плаќање заради падот на валутата, а дел ќе завршат и во банкрот. Оние што ќе преживеат најверојатно ќе треба целата стока и репроматеријали што ги увезуваат, авансно да ги платат.
Заради несигурноста странците и локалците ќе ги намалат инвестициите.
На долг рок, слабата валута ќе значи и предност за домашните производители, бидејќи увозот ќе биде поскап. Исто така и одењето на одмор во Грција ќе биде многу поевтино за жителите на Еврозоната.
Исто така, под знак прашање би можело да се стави нејзиното членство во ЕУ.
Цената за Еврозоната
На Грција отпаѓаат околу 2% од БДП-то на Еврозоната, со што таа е премногу мала за да може со себе да ја повлече кон пропаст целата Унија. Ова го потврдуваат и берзите, како германската која минатата недела и покрај проблемите со Грција, моментално е на рекордно ниво.
Со напуштањето за Грција ќе биде невозможно да ги отплати долговите, а овој трошок ќе треба да се распореди меѓу даночните обврзници од останатите 18 држави. Грција на фондот за спасување му должи 142 милијарди евра, на членките на Унијата им должи 53 милијарди, а ЕЦБ има околу 20 милијарди евра во грчки владини обврзници.
Ќе се зголеми осигурувањето на кредитите, бидејќи инвеститорите во иднина ќе треба во предвид да ја земаат и опцијата некој да излезе од Еврозоната.
Ако по некоја неверојатност Грција по неколку години од напуштањето на еврото успее економски да заздрави, тоа ќе ги наведе другите да мислат дека и тие треба да излезат од унијата.