Колите на бензин и дизел ќе останат во ЕУ и по 2035 година

Под притисок од Германија и од Италија, Европската комисија прифатила да се откаже од забрана за продажба на нови автомобили со мотори со внатрешно согорување, која требаше да стапи на сила во 2035 година. Наместо целосна забрана, ќе биде оставено минимално ниво за испуштање издувни гасови, што може да ѝ помогне на автомобилската индустрија да остане конкурентна.

Законот одобрен од Европскиот парламент пред две години практично ѝ налагаше на европската индустрија за само една деценија целосно да се префрли на производство на електрични возила, на пазарот на кој веќе доминираат Кина и САД.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен лично се ангажирала да ѝ помогне на автомобилската индустрија, која притискаше на укинување на забраната, тврдат изворите на Билд. Официјалниот договор и деталите ќе бидат објавени во вторник.

Последниот притисок врз Брисел го извршил Манфред Вебер, лидерот на Европската народна партија. Повлекување на забраната побара и канцеларот Фридрих Мерц, во обид да ја одржи во живот германската индустрија, а италијанската премиерка Џорџа Мелони и полскиот премиер Доналд Туск во заедничко писмо повикаа на преиспитување на строгите ограничувања.

За регистрација на нови возила од 2035 година, ќе важи условот за намалување на емисиите на ЦО2 за 90%, а не за 100%. Исто така повлечена е целта за намалување на 100% и по 2040 година. Ова значи дека забраната за употреба на мотори со внатрешно согорување е отстранета од агендата, изјави Вебер.

Директорот на BMW, Оливер Ципсе ја оцени одлуката како важен сигнал за пресврт на политиката на Брисел.

Ова е првиот чекор на патот кон одржливо регулирање на емисиите на ЦО2 во ЕУ, во кој ќе се имаат предвид пазарните реалности, иа на производителите ќе им обезбеди вработување и конкурентност, изјави Ципсе.

Предвидената забрана имаше и политички последици во Германија. Десничарската партија АфД ја обвинуваше владата дека не прави доволно за да ја заштити економијата.

За нас автомобилот останува култен објект, а не идеолошко бојно поле кое им користи на десничарските партии, изјави Вебер.

12 декември 2025 - 09:29