Генерално е невообичаено она што сега се случува во финишот на кампањата, наместо другиот кандидат, главен непријател на еден од таборите да биде висок државен службеник.
Таков е моментално односот на кампањата на Хилари Клинтон против директорот на ФБИ, Џејмс Коуми. Повод е неговата одлука - особено нејзиниот тајминг - повторно да отвори истрага околу мејловите на Хилари. Не штедат на зборови да му го скинат угледот и авторитетот, а од тој табор се шират и алузии за координираност на неговите потези со руските преференци околу американските избори.
Коуми е републиканец што во 2013 година беше назначен за директор на ФБИ од Барак Обама. Тогаш неговите го сметаа за предавник, а демократите го бранеа не бирајќи зборови за пофалба:
- Тим Кејн, предлогот на Хилари за потпретседател на САД, своевремено за Коуми рече дека е „прекрасен“ со „цврста кариера на слуга на јавниот интерес“.
- Водачот на демократите во Конгресот, Ненси Пелоси, го нарече Коуми „голем човек“ и истакна дека „привилегија за нашата земја е да го има него за директор на ФБИ“.
- Водачот на демократите во Сенатот, Хари Реид, тогаш оцени дека „никој не може да ги доведува во прашање интегритетот и компентноста“ на Коуми.
Денеска е исто, само скроз обратно.