Кличко во ринг со Зеленски: Каде отидоа милијардите за одбрана на Киев?

Градоначалникот на Киев ги обвини претседателот Зеленски и неговата влада за копрупција и за злоупотребување на воената состојба за политички напади врз општинските власти. Токму пред грејната сезона владата ги замрзнала давачките за комуналните претпријатија, а Киев го оставила изложен на руски проектили, наспроти милијардите евра наменети за противвоздушна одбрана.

Виталиј Кличко од говорницата во Парламентот изјави дека Зеленски во услови на војна настојува да концентрира уште поголема моќ во извршната власт и да ја намали автономијата на локалните самоуправи и демократските институции. 

Киев е срцето на државата што непријателот се обидува да ја уништи. Но, ништо помалку страшни не се ниту политичарите кои, всушност, исто така ја уништуваат земјата... Каде е противвоздушната одбрана за заштита на главниот град? Каде е заштитата на објектите на „Укренерго“? Каде се милијардите што беа издвоени за ова? – праша Кличко, кој е градоначалник на Киев од 2014 година. 

Во извештајот за актуелната состојба во Киев, Кличко истакна дека во текот на оваа година имало речиси 50 напади врз капацитетите за греење и струја, за разлика од 19 лани, но комуналните претпријатија постојано ја поправаат опремата. Градот подготвил речиси 700 генератори за објектите за греење и водоснабдување, 70 мобилни котларници и набавил 6.000 генератори, инвертори и батерии за станбените згради, училиштата и болниците.

Главниот проблем, според Кличко, е одлуката на Владата да ги замрзне средствата за локалните буџети, токму пред почетокот на грејната сезона.

Тие се обидуваат да ја уништат локалната самоуправа во Украина, и тоа не само во Киев, преку отстранување на лидерите на општините, апсурдни обвинувања и заплашувања со кривични постапки, изјави Кличко.

Во Киев канцеларијата на избраниот градоначалник коегзистира со воената управа на градот, која е директно назначена од Зеленски. Оваа двојност создава постојани тензии околу распределбата на одговорностите и контролата врз одбраната и функционирањето на виталните системи.

******
Види и: Кличко ја има сериозно спукано со Зеленски

15 октомври 2026 - 11:34