Кличко ја има сериозно спукано со Зеленски

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, ги обвини своите противници дека водат кампања за негово дискредитирање кое треба да заврши со оставка на функцијата.

Кличко се најде сред сериозни проблеми по смртта на тројца жители на Киев кои загинаа откако не можеа да влезат во скривница за време на еден од руските воздушни напади.

Ревизија направена на барање на Зеленски покажа дека само 15% од 4.655 скривници во Киев ги задоволуваат стандардите, а од нив само 44% биле слободно достапни.

По објавувањето на резултатите од ревизијата Кличко објави видео на Телеграм во кое ја критикуваше целата истрага, жалејќи се на „бескрајните пребарувања“ кои според него го отежнуваат водењето на градот.

„Денес има голема кампања за дискредитирање на градските власти и лично на мене. Сред војна тие внесуваат хаос во управувањето со градот,“ изјавил Кличко.

Без да го спомене Зеленски, Кличко ја критикувал одлуката на обвинителот да го стави првиот човек на Киев задолжен за безбедност во куќен притвор по завршувањето на истрагата за скривниците.

Ова е 9-та година на Кличко како градоначалник на Киев, а пред војната тој важеше за еден од најголемите конкуренти на Зеленски. Тие имаа и отворен судир во ноември 2022, кога Зеленски го обвини поранешниот светски шампион во бокс дека лошо го изменаџирал поставувањето на вонредни засолништа за да им се помогне на граѓаните со недостатокот на струја и греење.

Преземајќи дел од вината околу скривниците, Кличко порачал дека има и други кои се виновни за ваквата состојба, посебно луѓето назначени од претседателот.