Ќе требаат 600 милијарди за обнова на Украина но тоа е помалиот проблем

Најновата официјална проценка вели дека обновата на Украина ќе чини 588 милијарди долари, речиси три пати повеќе од вкупниот годишен економски производ на земјата. Но, анализата вели и дека парите се полесната половина од проблемот. По четири години војна, повеќе од 10 милиони Украинци не се дома, а сè помал дел од младите и квалификуваните велат дека некогаш ќе се вратат.

Цената за обнова на Украина продолжува да расте и последната официјална проценка од 588 милијарди долари е застрашувачка но парите можат да се заработат, добијат или позајмат.

Луѓето се многу потешки за замена, а по повеќе од четири години војна, Украина изгуби милиони од нив, вклучувајќи голем дел од младите, образовани и квалификувани луѓе кои се неопходни за секоја реконструкција.

Земјата располага со драматично намалено население кое можеби нема целосно да се опорави. Дали Украина може да ги собере парите е сериозно прашање но дали ќе може да ги врати своите луѓе е можеби  поважно.

Цифрата за парите доаѓа од заедничка проценка на украинската влада, Светската банка, Европската комисија и Обединетите нации и ова е петти ваков преглед по инвазијата. Првиот изнесуваше 349 милијарди долари а пред една година беше 524 милијарди долари.  

Најголемите долгорочни потреби се во транспортот со приближно 96 милијарди долари, енергијата со речиси 91 милијарда долари и домувањето со речиси 90 милијарди долари, при што 14 проценти од целиот станбен фонд во земјата е оштетен или уништен, а повеќе од три милиони домаќинства се погодени.

Самото расчистување на урнатините и отстранувањето на неексплодираните средства од обработливото земјиште и градовите ќе чини близу 28 милијарди долари. Регионите најблиску до фронтот, вклучувајќи ги Донецк, Харков и Херсон, го носат огромниот дел од штетата, што значи дека најтешката обнова е концентрирана онаму каде што безбедноста ќе остане најкревка.

Се очекува приватниот сектор да покрие можеби една третина од вкупниот износ, но остатокот ќе бара огромна и одржлива надворешна поддршка.

Најспорен дел е кој ќе плати.

Западните влади замрзнаа околу 300 милијарди долари средства на руската централна банка по инвазијата во 2022 година, од кои околу 210 милијарди долари се чуваа во Европа, главно во клириншката куќа „Еуроклир“ во Белгија, а само околу 5 милијарди долари се под американска контрола. Европската унија бутка план за користење на тие средства за поддршка на голем заем за Украина, во опсег од 140 до 165 милијарди евра.

Против таа идеја е Белгија која е поддржана од Европската централна банка. Тие предупредуваат дека запленувањето на резервите на суверена нација може да ја поткопа стабилноста на меѓународниот финансиски систем, поттикнувајќи земји како Кина и земјите од Заливот да ги повлечат своите резерви од европските институции.

Москва го нарекува планот чиста кражба.

Околу 5,6 милиони Украинци денес се бегалци во странство а уште четири милиони или повеќе се внатрешно раселени, што значи дека над 10 милиони луѓе, околу една петтина од населението пред војната, се протерани од своите домови.

 

29 јуни 2026 - 10:49