Тврдењето доаѓа од Куанон следбеници според кои САД во 1871 од држава станале корпорација откако бил донесен Законот за Областа Колумбија (ДЦ во името на главниот град). Сето ова се базира на една од најекстремните либертаријански постави, движењето на суверени граѓани кои се против сè од федерални закони до плаќање данок, а според нив секој еден претседател на САД, закон и уставен амандман изгласан по 1871 е нелегитимен.
На вака поставената основа се надоврзува 20-от амандман на американскиот Устав, изгласан во 1933, кој го мрднува датумот на претседателската заклетва од тогашниот 4 март на сега стандардниот јануарски термин.
Токму оваа цака (која не е цака) беше масовно употребена од Куанон за да се разработи теоријата дека Бајден не се важи, и дека Трамп ќе ја даде вистинската заклетва на 4 март, а со тоа ќе продолжи и неговиот мандат.
Претходно Куанон го промовираше 20 јануари (денот на заклетвата) како денот на пресметката кога високи членови на Демократската партија и останати припадници на наводната кабала ќе бидат уапсени и егзекутирани по наредба на Трамп.
За да биде уште позамрсено, периодов повеќе Куанон „инфлуенсери“ излегоа со контра теорија дека заговорот за 4 март е наместен од „длабоката држава“ и меинстрим медиумите со цел да се намести движењето а неговите симпатизери повторно да бидат дел од насилство слично на она како во Капитол.