Иако претседателот Емануел Макрон призна дека Франција отворила „технички“ канали за дијалог со Москва, малку други земји од ЕУ сакаат да го следат примерот, поради стравувањата дека Кремљ „ќе го искористи секој дијалог за да го подели континентот“.
Европските лидери со месеци се жалеа дека се исклучени од преговорите меѓу САД и Русија за иднината на Украина, инсистирајќи дека војната што се води на европска почва не може да се реши без нив. Со одбивањето да разговараат со Москва, тие всушност самите се исклучија од мировниот процес.
Од крајот на минатата година Русија е подготвена да учествува во разговорите, секако барајќи мир под свои услови. За ова говорат разговорите со посредство на САД во Абу Даби и Женева, како и оценката на Владимир Путин дека нацрт-текстот на договорот меѓу САД и Украина „може да послужи како основа за идни договори“.
Вашингтон веќе се движи во оваа насока. Европската команда на САД објави дека Америка и Русија, за да избегнат ненамерна ескалација, се согласиле да повторно да воспостават редовен воен дијалог на високо ниво, кој е суспендиран од 2021 година.
Ако Вашингтон може да ги држи овие канали отворени како средство за намалување на ризикот, можат и европските сојузници. Со оглед на актуелната состојба на односите, шансите за случаен судир се многу високи поради зачестените блиски средби на авиони, прекугранични инциденти и украинските напади врз цели во Русија со беспилотни летала и муниција доставени од Западот. Обновата на механизмите за градење доверба е клучна за да се спречат инциденти.

Доколку европските држави сакаат да играат корисна улога во мировниот процес, воените мерки за градење доверба не се доволни. Тие ќе мора да достават конкретни предлози што ќе ги бранат интересите на Украина, а воедно ќе ѝ дадат на Русија причина за компромис. ЕУ би можела да понуди суспендирање на санкциите и продолжување на купувањето руска нафта и гас. За жал, се чини дека е многу малку веројатно дека ЕУ некогаш ќе даде ваква понуда.
Владите на ЕУ се дистанцираат од повиците за воспоставување директен канал за дијалог со Москва. Германскиот канцелар Фридрих Мерц рече дека Русија „сè уште не е подготвена сериозно да разговара“. Каја Калас, високата претставничка на ЕУ за надворешни работи, рече дека фокусот треба да биде на „руските отстапки за постигнување мир“.
Поважно од тоа кој разговара со Русија е за што сакаме да разговараме со Русија, вели Калас.
Таа предложи список на максималистички барања кон Русија - за кои не е постигната согласност меѓу 27-те членки на ЕУ, кои вклучуваат ограничување на руската армија и повлекување на руските трупи од Украина, Грузија и Молдавија.
Макрон самиот нагласи дека разговорите со Русија треба да се водат без премногу соговорници. Би било многу подобро какви било француско-руски разговори да се водат целосно зад затворени врати, а не јавно. Тие не треба да се одвиваат во име на ЕУ како целина, туку во име на оние земји-членки кои се навистина подготвени да воспостават дијалог со Москва, забележува Unherd.