
Група од 40 пратеници се воздржуваат да ги оценат како геноцид израелските воени дејства во Газа, но од ЕУ бараат да ја прогласи израелската влада за одговорна за „очигледно кршење на Женевската конвенција и Меѓународното хуманитарно право“.
Во изјавата се повикува и Хамас веднаш да ги ослободи Израелците што повеќе од година и пол ги држи како заложници.
Идните генерации ќе им судат на денешните лидери според нивниот одговор или игнорирањето на злосторствата во Газа. Недејствувањето сега ќе се памети како морална дамка врз човештвото. Времето за морален кукавичлук заврши. Мора итно да се дејствува, наведуваат пратениците во писмото.
Војната на Израел против Хамас во Газа откри длабоки политички и национални поделби во Европската Унија. Но, продлабочувањето на хуманитарната криза ги поттикна пратениците од идеолошки спротивставените групи да ги здружат силите во повик за порешителна акција на ЕУ.
Тие експлицитно повикуваат на воведување санкции врз израелската влада, потег што ЕУ досега го избегнуваше и покрај тоа што Британија и Норвешка воведоа мерки против екстремистичките министри Итамар Бен-Гвир и Безалел Смотрич. Холандија денеска еднострано воведе забрани за патување на двајцата министри, како реакција на продлабочувањето на хуманитарната катастрофа во Газа.
Потписниците бараат од Европската комисија да го суспендира Договорот за асоцијација на ЕУ со Израел, кој ги дефинира трговските и политичките односи меѓу двете страни и кој често се смета за најефикасното средство што ѝ е на располагање на ЕУ за да изврши притисок врз Нетанјаху.
Внатрешен преглед потврди дека Израел ги прекршил обврските за човекови права наведени во Договорот за асоцијација, но за Европската комисија тоа не беше доволно да го замрзне договорот.
Европската комисија внимателно го удри Израел таму каде што најмалку го боли – го суспендираше пристапот до програмата за истражување и иновации „Хоризонт Европа“.