Да не го дижестираме повторно прилогот на Тајм бидејќи тоа веќе го направивме во статијата „Зеленски ни е нешто лут“, само неколку кратки поенти:
- Украинските воени цели се нереалистични. Во победа не верува никој освен Зеленски, но неговите соработници велат дека тој е заблуден (delusional) а неговата верба во победа преоѓа во опасно месијанство.
- Ужасниот жртвен биланс ја има десеткувано украинската војска. Запад и да го прати сето оружје кое го ветил, ќе немаат луѓе да го искористат. Просечната возраст на украински војник сега е 43 години и се зголемува, што значи дека младоста веќе е жртвувана.
- Моралот е колабиран. Команданти од првите линии на фронтот одбиваат наредби, дури и кога доаѓаат од кабинетот на претседателот. А одбиваат затоа што ги оценуваат за невозможни.
- Корупцијата е метастазирана и надвор од контрола: „Се краде како да нема утре.“
Сега за Волтер Кронкајт. Една од оние стари легенди на американското новинарство, беше долгогодишен домаќин на најважните информативни емисии на CBS. Пренесуваше за војната во Виетнам сè додека не дојде време лично да отиде таму и сам да се увери како стојат работите.
По враќањето од таму, својот фамозен извештај од Виетнам за кој се верува дека го има сменето текот на војната, го завршува вака:
„На вашиот новинар му е сè појасно дека единствениот рационален излез од ова ќе биде преговарање, не како победници, туку како чесен народ кој рекол дека ќе ја брани демократијата и направил најдобро што можел“.
Прашање е дали, ако веќе Зеленски е заблуден, тогаш барем денешниот Запад ќе се сети на советот на Кронкајт и ќе реши да се оди на преговори, кои, какви и да се, бар ќе го спречат понатамошното масовно гинење на Украинци и Руси.
„Или пак ќе останеме заробени во психолошкиот бункер во кој живее Зеленски“, се прашува Дејвид Сакс од Крафт Венчрс, ко-основач на Пејпал.