Ќе го преживее ли Урсула судот на ЕУ?

Суд на ЕУ ќе пресуди дали шефицата на Европската комисија прекршила закони кога ги избришала СМС-пораките со кои од „Фајзер“ нарачала 1,8 милион дози вакцини против ковид. Правни експерти бараат посилна реакција против грубото кратење на правото на граѓаните да се информираат, бидејќи „кога ќе заврши мандатот на Урсула, од транспарентноста нема да остане ништо“.

Судскиот епилог на аферата „Фајзергејт“ во среда не само што може да ја загрози претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен, која се претставува како бранителка на демократијата, туку и отвора ново поглавје за слободата на информации во ЕУ. Судот на ЕУ во Луксембург треба да пресуди дали Европската комисија имала право да ги брише или да ги крие СМС-пораките со кои пазарела вакцини.

Случајот почна со едноставно правно прашање: дали текстуалните пораки испратени преку мобилен телефон се сметаат за официјални документи. Фон дер Лејен на овој начин преговарала со Алберт Бурла, директорот на фармацевтската компанија Фајзер за договорот за купување 1,8 милион дози вакцини против ковид.

Комисијата одби да даде увид во пораките, истакнувајќи дека тие биле „краткорочни“ и поради тоа не се опфатени со правилата на транспарентност. Европската комисија одби да одговори и на прашањата од омбудсманот дали такви пораки воопшто постоеле или намерно биле избришани. Правни експерти тврдат дека СМС-пораките треба да се класифицираат како документи кога се користат за официјална комуникација поврзана со креирање политики.

Емили О’Рајли, омбудсман на ЕУ од 2013-2025 година, изјави дека транспарентноста се уназадила во времето на Фон дер Лајен, иако таа во декември го презеде новиот мандат на челото на Европската комисија со ветување дека ќе ги брани „стандардите за транспарентност, ефикасност и чесност“.

Ниту една институција на моќ во демократско општество не може да ги води своите работи во тајност. Токму тоа сака да го направи Комисијата, да чува и да контролира што и кога може да дознае јавноста. Тоа е необично толкување на слободата на информирање и правото на граѓаните да имаат пристап до информациите што ги интересираат, укажува Паиви Леино-Сандберг, финска професорка по право, која веќе се борела против европски институции и ги добила на суд.

Таа како апсурд го отфрла аргументот на одбраната дека „пораките од претседателката не биле во сопственост на Комисијата“. Професорката укажува на претходна пресуда, во која е наведено дека секоја институција мора да ги чува документите за своите активности. Тоа подразбира и да не уништува документи за да ја заобиколи обврската.

Институциите немаат дискрециско право дали избираат дали ќе бидат транспарентни или не. Тоа е обврска од Повелбата до која мора да се придржуваат. Никој не е над законот. Мора да има посилна реакција од јавноста. Инаку од транспарентноста нема да остане ништо кога ќе заврши мандатот на Фон дер Лејен, вели Леино-Сандберг.

12 мај 2025 - 12:41