На пладне на 20 јануари, Доналд Трамп ќе се качи на Марин уан хеликоптерот паркиран на јужниот тревник на Белата куќа и засекогаш (или барем до 2024) ќе си замине од таму. Со тоа завршува претседателски мандат на Трамп, а во исто време се отвора можноста тој да биде гонет за кривични дела извршени за време на мандатот.
Изминатите 4 години Трамп како актуелен претседател имаше имунитет од какво било гонење, меѓутоа тоа беше исклучиво по основа на мандатот што го држеше и тоа завршува во моментот кога тој стапнува во хеликоптерот.
Иако има дваесетина дена до тогаш, обвинителот од Менхетен, Сајрус Венс, веќе има започнато истрага за бизнис зделките на Трамп, во која фокусот е на „опширното и долготрајно однесување во Трамп организацијата,“ вклучително и можна банкарска измама.
Во истрага по која Мајкл Коен заврши во затвор заради плаќање пари на Сторми Даниелс да не збори за аферата со Трамп, беше спомната и „индивидуа 1“ како човекот што ја испланирал целата работа. Индивидуата е Трамп, а истрагата беше затворена, меѓутоа има простор тоа да се ревидира откако ќе престане имуниетот на Трамп.
Сепак за што било од ова да се оствари ќе треба сериозна политичка поддршка и самата постапка би преставувала политичка опасност за администрацијата на Бајден. Потенцијалното гонење на Трамп би била прва таква постапка во историјата на САД, бидејќи ниту еден претходен претседател не била гонет од својот наследник. (Никсон беше помилуван од Форд.)
„Претходните претседатели имаа тенденција да се наклонети кон ставот дека е подобро да се гледа напред во име на закрепнување на нацијата отколку наназад кон грешките на нивните претходници.
А има и добра причина за тоа - секоја судска постапка веројатно ќе биде долга и тешка, ќе биде голема дистракција и ќе го изложи следниот претседател на обвинувања дека сака да се однесува како диктатор што ги лови своите политички непријатели,“ пишува Ед Пилкингтон во текстот за Гардијан.
Бајден уште претходно јасно обзнани дека не е нешто посебно заинтересиран да го гони Трамп, објаснувајќи дека тоа „веројатно не би било многу добро за демократијата“, иако се дополни дека крајната одлука за тоа ќе ја има неговиот главен јавен обвинител.