Ќе биде ли таа новата Ангела Меркел?

Аналена Баербок. Четириесет години, Зелена, добитничка на бронзан медал на национално првенство во вежби на трамполина.

После сојузните избори во Германија, закажани за 26 септември, на канцеларската позиција, Ангела Меркел може да биде заменета со посестрима канцеларка бидејќи германските Зелени, за таа позиција ја кандидираа својата ко-претседателка.

Се работи за очекувана и разборита одлука бидејќи сите други партиски кандидати ќе бидат мажи, а „женска рака“, во ерата на Ангела Меркел се покажа како пожелно и успешно решение. Не само во Германија; слично е искуството и со новозеландската премиерка ( види: Џасинда Арден vs Копитото на Вашата Земја).

Машкиот ко-претседател на Зелената партија, Роберт Хабек, поседува харизма но делува помалку посветено и срчано, додека Аналена Баербок, со нејзиниот натпреварувачки дух, фокусираност и склоност да бара мислења од стручњаци, се чини како образец на лидер кој може да ги цимне Германците. Хабек е филозоф кој е повеќе склон кон дефинирање на идеи кои потоа ги препушта на други да ги реализираат.

40-те години на Баербок исто така се издвојуваат во однос на останатите, далеку постари кандидати. Ако таа стане канцеларка, ќе биде второ решение кое доаѓа од некогашната источна Германија.

Зелените се моментално во најдобра изборна кондиција. Пред еден месец издвојуваа убедливи победи во две сојузни држави во кои владеачката Унија од сестринските ЦДУ и ЦСУ ја изгубија поддршката која ја имаа во текот на пандемиската година: дел заради проблемите со вакцинирањето, дел поради аферите со провизии околу купување на маски но дел и заради тоа што избирачкото тело сфаќа дека со гласање за ЦДУ, веќе не гласа за Ангела Меркел, која после изборите се повлекува од политиката. Според последните анкети, ЦДУ/ЦСУ може да сметаат на 28% а Зелените на 22%, што значи дека без нив Унијата тешко ќе состави влада, бидејќи Либералите (ФПД) ќе имаат премалку (околу 11%) а со СДП нејќат.

Десничарите АфД уште немаат одредено кандидат се претседател, што е сигнал за длабински внатрешни битки во кои радикалното крило не сака умерен претседател. Моментално се на околу 11% поддршка, можно е повторно да изненадат со уште подобар резултат но тој не го решава нивниот клучен проблем, што со нив никој не сака да коалицира.

Германските Зелени се залагаат за почисто дефинирање на пазарот на трудот, посветеност на ЕУ, цврст став кон Русија, како и стандардните зелени таргети за климата, човековата околина и родовата еднаквост.

На 9:40
 

 

21 април 2021 - 10:09