Кисинџер ставен на списокот непријатели на Украина

Хенри Кисинџер пред некое време порача дека за крај на војната Украина ќе мора да прифати отстапување територија на Русија. Заради ова доби обвиненија за: учество во информативната спец-операција на Русија против Украина, ширење на наративот на руско-фашистичката пропаганда и уценување и соучесник во руските злосторства против Украина и нејзините граѓани.

Поранешниот американски државен секретар, а актуелен дипломатски диносаурус, со вклучи на една од сесиите на самитот на Светскиот економски форум и ја даде својата процена за тоа како ќе изгледа крајот на војната.

Кисинџер прво му порача на Западот да престане да се обидува да и нанесе уништувачки пораз на Русија во Украина „затоа што тоа ќе има катастрофални последици на долгорочната стабилност на Европа“.

Присутните на самитот тој ги предупреди дека ќе биде фатално за Западот да потпадне под сегашниот притисок и да го заборави „правилното место на Русија во европскиот баланс на силите“. И дека мора веднаш да има преговори и на нив да се влезе со ладна глава.

„Преговорите треба да почнат во следните два месеца пред тензиите да се влошат уште повеќе и да не можат лесно да се надминат.

Идеално, линијата на поделба би била враќање на статус-кво. Терање војна вон тоа повеќе нема да биде за ослободување на Украина, туку нова војна против самата Русија,“ порачува Кисинџер.

Тој ги потсетува присутните дека Русија повеќе од 400 години е клучен дел од Европа и гарант на европската безбедност во критично време, што Западот не смее да го заборави и да ризикува Русија да влезе во трајно сојузништво со Кина.

„Се надевам дека Украинците на својата храброст што ја покажаа ќе и парираат со мудрост,“ порачал Кисинџер.

Уште кога го заврши својот говор, советникот на Зеленски, Микаил Подолак, го прогласи Кисинџер за „паничарот на Давос“.

Кратко по ова, украинскиот проект Миротворец кој функционира како регистар на сите злосторства направени против Украина и нејзиниот народ, како и сите лица што го помогнале тоа, го додаде Кисинџер на својот список.

Хенри, роден како Хајнц Алфред Кисинџер, е обвинет по 3 основи:

- Учество во информативната спец-операција на Русија (држава агресор и терорист) против Украина.

- Ширење на наративот на руско-фашистичката пропаганда и уценување - нуклеарна војна, глобална криза, глад, миграциски шок, сојузништво со Кина итн. во замена за украинска територија (минимум - како што беше на 24 февруари; максимум - без Доњецк, Луганск и целиот југ, вклучително и Одеса).

- Соучесник на злостроствата на руските власти против Украина и нејзините граѓани.

30 мај 2022 - 11:09