
САД склучија договор со Пекинг според кој американските царини за извозот на Кина повторно ќе се спуштат на пристојно ниво, а таа ќе ги намали своите давачки за увозот од САД. Џиновските контејнерски пристаништа од двете страни на Пацификот сега можат повторно да се отворат. Работниците во Кина може да се вратат во фабриките а супермаркетите Волмарт и Таргет може повторно да почнат со нарачки. Глобалната економија може да почне да се движи уште еднаш.
Многу брзо ќе стане јасно кој ја доби тарифната војна: Кина.
Договорот кој во Швајцарија, каде што се водеа преговорите, го објави американскиот министер за финансии Скот Бесент изгледа многу едноставен. САД ќе ги намалат тарифите за кинескиот увоз од 145 на 30%, а Кина ќе ги намали од 125 на само 10%. Засега, тоа е само 90-дневна пауза, но веќе изгледа веројатно дека во следните три месеци ќе се изработи трајна спогодба. Берзите ширум светот ја прославија веста, со скок на акциите во Европа, а главните индекси на Волстрит пораснаa за 2,8 до 4,3%.
Ако договорот остане, тарифната војна меѓу Доналд Трамп и Кина е ефикасно завршена. Секако, тарифата од 30% за увоз на кинески производи во САД сè уште е значителна, но таа ги опфаќа и 20-те проценти што Трамп ги наметна како притисок врз Пекинг да го запре транспортот на наркотикот фентанил во Америка. Се чини дека веќе има простор за преговори таа да се спушти на 10%. Кинеските производители се толку конкурентни што можат да го апсорбираат тоа без премногу штета.
Позначајно е тоа што Кина направи многу малку отстапки за да го добие овој договор. Таа не го отвори својот пазар за американските технолошки гиганти, ниту се согласи да испорача помалку стоки низ Пацификот, ниту да купи повеќе авиони или фармацевтски производи од САД, или навистина да ги намали своите обиди да се пресели во индустрии со повисока вредност, како што се вештачката интелигенција или автомобилската и авионската индустрија.
Наместо тоа, претседателот Трамп го разгледа потенцијалното разорно влијание врз економијата што би го имало отсекувањето на САД од кинескиот увоз и прв трепна. Тој не беше подготвен да го елиминира неизбежниот скок на инфлацијата или веројатната рецесија.
За Кина тоа е очигледно победа. На САД повеќе им треба Кина отколку што САД ѝ треба на Кина. Како што тоа станува сè појасно, САД во скоро време нема да ја обноват трговската војна и Кина може да го продолжи својот долгорочен план да прерасне во доминантна светска економија.