Кина гради империја на податоци

Пекинг ги смета податоците како основен фактор за производство, изедначувајќи ги со работната сила, капиталот и земјиштето. Со зацврстување на контролата врз базите, Големиот кинески Брат ќе има целосен увид во животот и навиките на граѓаните, бизнисот и владините служби. Со тој океан од информации во исто време ќе се хранат и тренираат моделите со вештачка интелигенција.

Повеќе од 1,1 милијарди корисници на интернет во Кина генерираат повеќе податоци од кој било друг на Земјата. Фабрика за податоци е и огромната мрежа на камери за препознавање лица распоредени низ градовите. Со развојот на технологијата се зголемуваат квалитетот и вредноста на информациите, како и полињата за примена.

Претседателот Си Џинпинг ги нарече податоците основен ресурс што има револуционерно влијание врз меѓународната конкуренција. Владата го вткајува управувањето со податоците во економијата и националната безбедност, што се одразува речиси врз сè, од граѓанските слободи до профитот на компаниите и технолошките иновации. 

Пекинг во 2021 година воведе правила моделирани врз основа на европската Општа регулатива за заштита на податоци (GDPR), но веќе сега отстапува од западните норми. Сите нивоа на власта добија препорака да ги попишат податоците со кои располагаат. Во тек е сеопфатен проект за проценка на купиштата податоци во државните фирми. Идејата е тие да се вреднуваат како средства и да се додадат во биланси на состојба или да се тргува со нив на државни берзи. 

Друг голем чекор е дигиталната лична карта, која треба да биде воведена на 15 јули. Централните власти би можеле да контролираат сметки на секое лице на веб-страниците и апликациите. Големите технолошки компании, наместо име и основни податоци за корисниците, ќе имаат пристап само до дигитални шифра. Но, сметките може наскоро да бидат на увид на државата. 

Крајната цел на Кина е да создаде интегриран национален океан на податоци, кој ќе ги опфаќа не само потрошувачите, туку и активностите на бизнисот и на државните институции.
Предностите се очигледни. Ќе биде надмината лошата евиденција за управување со лични податоци. Ќе биде заменет досегашниот систем за надзор на граѓаните, кој честопати беше злоупотребуван од пониските бирократи. Дигиталните лични карти ќе воведат поголема строгост и системот повеќе ќе прилега на Големиот Брат.

Кина не е единствената што забрзано чекори во тој правец. Администрацијата на Доналд Трамп разгледува дали да ја ангажира приватната технолошка компанија Палантир за да ги консолидира владините бази на податоци. Европската Унија можеби ќе мора да ги ажурира своите правила за GDPR.

За демократиите задачата сепак е потешка, бидејќи тие мора да вградат механизми за проверки што ги штитат правата на сопственост, приватноста и граѓанските слободи. Но, ако Кина стекне компетитивна предност благодарение на ефикасен и дистописки систем на надзор, нејзиниот метод на централизација ќе претставува не само економски, туку и политички предизвик за Западот.

8 јули 2025 - 10:26