Кина ги укинува тарифите за Африка

Среде забревтаната иницијатива на Доналд Трамп да го казни цел свет со тарифи и давачки за нивниот извоз во САД; Кина зазема сосема обратна стратегија. Ќе ги укине сите давачки при увоз на стока од Африка. Нивната трговска размена и онака бележи фасцинантен постојан подем, ова само  дополнително ќе ги засили врските и блискоста меѓу Пекинг и црниот континент.    

Економската и трговска размена меѓу Кина и Африка постојано е во забрзан подем последниве 20-тина години. Од 100 милијарди јуани до 2,1 билијарди лани. Во просек, размената растела со 14,2 процента годишно. Годинава растот е уште поголем: само во првите пет месеци, 12,4%.

Цели 16 последователни години, Кина е најголемиот трговски партнер на државите од Африка.

Уште поголем поттик уследува по тридневниот Форум за кинеско-африканска соработка на кој учествуваа 53 држави од Африка.  Во финалниот документ од форумот, изразена е желбата да се стабилизира несигурниот свет со стабилно односи меѓу Кина и Африка и да се промовира „мултиполарен свет базиран на взаемна почит и одбрана на легитимните интереси на земјите.“ Уште лани беа промовирани десет големи партнерски проекти за модернизација во областа на финансиите, е-трговијата, вештачката интелигенција, безбедноста...

Кина најави дека со сите 53 африкански земји кои имаат дипломатски односи со Пекинг е подготвена да постигне договор за економско партнерство кој ќе подразбира 100 процентно ослободување од царински давачки при нивниот извоз. Најмалку развиените земји ќе уживаат и дополнителни бенефиции.

Кина се обврза и да подржува иницијативи за индустријализација, земјоделска модернизација и образование во Африка за континентот да преземе поголема улога во меѓународните односи. 

За време на кинеско-африканскиот Експо, на кој се очекува да присуствуваат 4.700 компании од двете страни, ќе бидат потпишани 175 договори за соработка во вредност од 11,4 милијарди долари.

Од посебен интерес на кина е “Рогот на Африка“ (Сомалија, Етиопија, Еритреја и Џибути) кој има стратешко значење заради вкрстување на трговските рути, различните култури и историјата на геополитичка важност. 

Исклучок од ослободувањето од тарифите ќе биде 54-тата африканска земја, малата Есватини (1,2 милиони луѓе), која реши да има дипломатски односи со Тајван.

15 јуни 2025 - 07:28