Стратегијата на Катар е регрутирање на влијателни поединци во земјите кандидати, чија задача ќе биде да ја нападнат кандидатурата во сопствената држава „создавајќи впечаток дека меѓу локалното население постои нула поддршка за организирање на Светското првенство.“ Еден од критериумите на ФИФА за доделување на организацијата е целиот проект да има силна поддршка од домашната популација.
Во случајот со САД, планот бил да се изврши притисок врз Конгресот да донесе одлука дека парите што би се дале за организација на Мундијалот да бидат искористени за финансирање на спортот во средните училишта. Додека во Австралија рагби играчи требале да на натпревар со транспаренти да протестираат против фудбалското првенство, со цел заштита на рагбито во земјата.
Протечените мејлови се од њујоршката БЛЈ ворлдвајд, пи-ар компанија која имала договор со катарскиот комитет за кандидатура за СП 2022 во вредност од 80.000 долари месечно.
Во еден од мејловите објавени од Сандеј тајмс, претседателот на БЛЈ, Мајкл Холцман, на советникот на катарскиот тим што ја предводи номинацијата, Ахмад Нимех, му пишува: „Во изминатите 4 месеци преземавме опширна кампања за поткопување на кандидатурите за 2018/2022 на земјите конкуренти, посебно на Австралија и САД.“
Според Сандеј Тајм, Холцман елаборира дека тоа опфаќа:
„Регрутирање на новинари, блогери и останати јавни личности на секој од пазарите, за да поставуваат прашања и во медиумите да ги промовираат негативните аспекти на нивната кандидатура. Дузина статии се појавија во американските, австралиските и меѓународните медиуми кои ги срамат или поткопуваат овие кандидатури и го ставаат раководството на овие кандидатури во дефанзива...
Развивање извештаи, студии и законодавство кое дава засрамувачки детали или ги поткопува централните аспекти на секоја кандидатура... Имаме испорачано неколку длабоко разоткривачки разузнавачки извештаи на поедини мети кои интернационално се употребуваат од кандидатурата.“
За сега останува дека следното Светско првенство во фудбал ќе се игра во Катар во зимата 2022.