При директна закана за безбедноста, претседателот на Франција по правило би требало да се засолни во PC Jupiter, подземната командна станица под Елисејската палата што се користи за состаноци на советот за одбрана и како команда за нуклеарните сили.
Но, за Емануел Макрон наводно е подготвен и таен бункер во париските предградија, во кој би бил евакуиран ако „падне“ Елисејската палата, тврдат новинарите Пјер Гастино, Антоан Измбард и Франк Рено во новата книга „Новата армија на сенки“.
Плановите биле изработени уште во 2018 година, во времето на жестоките немири предизвикани од бунтот на „жолтите елеци“. Тогаш Макрон беше физички нападнат при посетата на Ле Пуи-ан-Веле. Експертите за безбедност анализирале и записи за насилните немири во февруари 1934 година, кои завршија со соборување на француската влада.
Темата денес повторно е актуелна поради зачестените масовни протести, кои прераснаа во насилства, демолирање продавници и пљачкања. Макрон призна дека службите за безбедност направиле пропусти во стратегијата и тактиката за спречување немири. Службите за домашно разузнавање сериозно ги потцениле собирите на 17 октомври, предвидувајќи меѓу 60.000 и 150.000 демонстранти, додека на протестите излегле повеќе од 500.000 луѓе.
Авторите на книгата го поврзуваат бункерот на Макрон и со предупредувањата од владата до Французите да подготват резерви од основни производи за најмалку три дена, во случај на организирани бунтови, кибернетски напади врз инфраструктурата и политички немири, особено спроти претседателските избори во 2027 година.
Француската служба за надворешно разузнавање, DGSE, симулирала сценарио при надворешно мешање во изборите, а полицијата во Париз вежбала како да функционира цел ден без употреба на криптирани телефони, за случај на разорен кибернетски напад врз телекомуникациите.
Службите за безбедност наводно стравуваат дека евентуалната победа на десничарската кандидатка Марин Ле Пен на претседателските избори може да предизвика нова рунда улични судири поттикнати од радикални левичарски активисти, рурални милитанти и млади луѓе од предградијата кои ќе одбијат да го прифатат исходот. Ако, пак, во вториот круг од претседателските избори влезе и Жан-Лук Меланшон, не се отфрла можноста дека лидерот на левицата може да поттикне „пасивен отпор“ во полицијата за време на нередите.