Канје може само за претседател на куќен совет да се кандидира

На 4-ти јули, раперот, моден дизајнер, сопруг и татко, Канје Вест, објави дека се кандидира за претседател на САД, и за сега тоа му е само теоретски остварливо.

За да го стави своето име на истото гласачко ливче со Трамп и Бајден, Канје ќе треба или да добие поддршка од некоја помала политичка партија, или да се кандидира како независен.

Меѓутоа проблем тука е што роковите за поднесување кандидатури веќе се изминати во некои од сојузните држави, вклучително Ново Мексико и Северна Каролина, која се смета за една од клучните држави.

За воопшто да му тргне кандидатурата како независен тој ќе треба да ангажира армија платени или волонтери кои ќе треба да соберат десетици илјади потписи низ САД, и сето тоа да го заврши пред да истечат и роковите во останатите сојузни држави во август и септември. Бонус: сето ова да го направи сред пандемија на коронавирус.

Луѓе кои сериозно ја сфатиле неговата објава, пресметале дека дури и сето ова да му успее, и тој да формира мрежа на штабови и оперативци што ќе ја покријат Америка, и да растури со давање пари за реклами (како што проба Блумберг, а притоа ги нема парите на Блумберг), процената е дека Канје ќе собере максимум неколку проценти од гласовите.

„Мислам дека Вест, или кој било друг, ја пропуштија можноста да имаат значително влијание врз изборите,“ порачува уредникот на Инсајд Елекшнс, Нејтан Гонзалес.

8 јули 2020 - 12:10