Канада ќе ја зајакнува војската со имигранти

За да го спроведе планот од 6,6 милијарди долари на премиерот Карни за зајакнување на одбраната, Канада ќе мора да увезува обучени војници и офицери со искуство. За да ги привлече регрутите од странство, им нуди експресно брз процес за добивање државјанство, слично на стратегијата што досега важеше за инженери, лекари и квалификувани занаетчии.

Во новата верзија на програмата Express Entry за постојано жителство во Канада, додадена е посебна категорија „квалификувани воени регрути“, кои би требало да задоволат „специјалните потреби“ на Канадските вооружени сили.

Програмата досега беше ограничена на квалификувана работна сила од странство потребна за економијата, особено за истражувачки дејности, за здравствениот систем и за транспортот.

Министерката за имиграција Лена Диаб објаснува дека воените регрути се дефицитарна професија во Канада, исто како и здравствените и социјалните работници - медицински сестри, стоматолози, фармацевти, психолози и киропрактичари, и занаетчиите - столари, водоинсталатери и машински работници.

Создаваме нова категорија за да привлечеме висококвалификувани странски воени кандидати. Поканети да аплицираат за постојан престој, со понуда за работа од канадските вооружени сили, се квалификувани регрути, вклучувајќи лекари, медицински сестри и пилоти, објави Диаб. 

Првиот круг за апликации во таа категорија ќе почне оваа недела.

Министерката истакнува дека новата категорија се воведува согласно новата стратегија на премиерот Марк Карни, кој пред една недела го објави планот „Купи канадско“ за снабдување на војската и раст на домашната одбранбена индустрија. 

Планот од 6,6 милијарди долари ветува приоритет на домашното производство на воена опрема, ќе го зголеми уделот на договорите за одбрана доделени на канадските фирми и ќе додаде до 125.000 нови работни места во текот на следната деценија.

Канада никогаш не може да биде заложник на одлуките на другите кога станува збор за безбедноста, изјави Карни.

23 февруари 2026 - 09:02