"Во најголемиот дел од овие ситуации, судирот на демонстрантите и полицијата изгледа како продолжена Кабуки драма, без очигледен заклучок.
На секое место формулата е речиси иста: илјадници демонстранти излегуваат на улица жалејќи се на најразлични стадиуми на корупција, немање безбедност и недостаток на демократска транспарентност - инаку сите оправдани граѓански жалби. Одговорот на забарикадираните лидери е да се оцрнат противниците (нарекувајќи ги "платеници на ЦИА" во случајот со Украина и Венецуела, или "терористи" во случајот со Египет, Либија и Сирија), да се обесхрабрат, а во некои случаи и да се искористи сила. Нивната логика е дека кратки, но моќни демонстрации на сила ќе ја распарчат опозицијата и ќе ги преплашат демонстрантите до тој степен што тие ќе се откажат и ќе си заминат дома.
Во Египет - каде последниот пат генералите ја спасија државата од муслиманските 'терористи' со тоа што ја сменија демократски избраната влада - оваа тактика успеа. Се помалку и помалку Египќани отворено протестираат против владата од страв дека ќе бидат прогласени за терористи и дека би завршиле во затвор.
Во Либија оваа тактика не успеаа. Кога Гадафи употреби сила за да се одбрани од демонстрациите, тоа само придонесе да се прошири бунтот против него и го испровоцира вклучувањето на НАТО, за на крај и тој да биде проголтан од целата ситуација.
Во Сирија, одлуката на Асад да отвори оган на мирните демонстранти предизвика граѓанска војна која уништи најголем дел од земјата и во која до сега загинаа 140 илјади луѓе. Меѓутоа тврдоглавоста на Асад се исплатеше за него и неговите луѓе - иако не за земјата - затоа што тој се уште е на власт. Поентата на оваа приказна воопшто не е поента, туку студена лекција за оние кои се на власт и се надеваат дека ќе ја зачуваат: ако имаш сила да истраеш преку ова, без разлика што ќе се случува, може и да ги надживееш твоите непријатели - и не треба да се плашиш од интервенција на во последно време несигурните САД и НАТО.
Во Украина претседателот Виктор Јанукович, чии снајпери убија десетици демонстранти се уште е во бегство од петокот вечерта. Шпекулациите за неговата моментална локација се движат од манастир до руската воена база на Крим или на неговата јахта. Во негово отсуство парламентот го укина неговиот мандат и објави налог за пасење за масовно убиство. Пред да си замине Јанукович целата работа ја прогласи за државен удар, и порача дека тој е избран претседател. Иако има некаква вистина и во она што го зборува Јанукович, сепак востание а не државен удар е правиот термин за она што се случува на Мајдан: јавното незадоволство на најголемиот дел од земјата кон неговата влада, корупцијата и врските со Русија придонесоа за востанието," пишува Џон Ли Андерсон за Њујоркер, според кој сега најважно за земји како Украина и Венецуела, е малку по малку да го најдат патот кон нормално функционирање на земјата, која ќе има влада и функционална економија.