Ете ти беља

Како талибан да стигне во рајот во мирно време?

Навикнати на битки и војувања, талибанците имаат проблем да се навикнат на новите, далеку поприземни обврски кои ги имаат и кои, меѓу другото, не нудат шанса да се дигнеш во воздух и заради тоа директно да одиш во рајот кај што те чекаат девиците.

Талибанците мака мачат да се навикнат на нивните нови улоги како обично обезбедување на објекти, сега откако во Авганистан веќе нема територија што треба да се освои, пишува Вашингтон пост.

Тоа се воини тренирани и обучувани да гинат и да се дигаат во воздух, а сега се спаднати на тоа да кмишат пред влезови на згради и да одработуваат досадни смени. Командантот Абдулрахман Нифиз на новинарите на Пост им признал дека 250-те борци што се под негова команда едноставно не се навикнати да нема војување, па ги чеша.

„Сите мои луѓе сакаат џихад и сакаат да војуваат. Кога дојдоа во Кабул, непријатно беа изненадени. Тука ништо не се случува!“, вели Нифиз.

Огромен дел од талибанците длабоко веруваат дека борбата против неверниците и смртта во таква борба им обезбедува директен влез во рајот.

„Многумина мои борци се насекирани дека ги пропуштиле шансите да станат маченици во војната. Им викам да се опуштат. Дека ќе има уште шанси да станат маченици. Но прилагодувањето на новите услови ќе потрае“, вели командантот на оваа издепресирана дружина.

22 септември 2021 - 16:13