Првата дупка во планот е претпоставката дека има "умерена опозиција" која сака да биде обучена за војна. За ништо да не биде поедноставно, на почетокот од војната во Сирија како дел од умерените, САД ги финансираа и обучуваа членовите на Ал Нусра, инаку сириска филијала на Ал Каеда. Како што минува времето Ал Нусра почнува да прави инциденти со останатите групи од умерените, за на крај комплетно да раскрстат со нив и целото свое оружје (снабдено од САД) да им го предадат на исламистите.
Во септември 2014-та, Обама бара буџет од 500 милиони долари за опремување на умерените за борба против ИСИС. Освен кадровските проблеми, кого да обучуваш и кој е умерен, сега има и генерално разидување меѓу САД и останатите учесници во програмата (Турција, Саудиска Арабија и Катар). Овие вторите сакаат умерените да се фокусираат на борба со Асад, додека САД влече на спротивна страна.
По бројки, планот е во рок од 3 години да се обучи армија од 15.000 умерени, со тоа што само годинава требаа да излезат 5.400 војници.
Во мај годинава Дејли Бист објави дека 1.000 волонтери ќе ја напуштат обуката затоа што им било забрането да се борат против Асад, туку нивна мета е исклучиво ИСИС. Во јуни Асошиејтед прес објави дека само 1.500 волонтери од вкупно 6.000 го прифатиле овој предлог. Од овие 1.500 само неколку дузини се квалификувале за да бидат дел од обуката.
На 7-ми јули годинава американскиот секретар за одбрана, Ештон Картер, објавува дека на обука има вкупно само 60 сириски борци. Неговото објаснување за ниските бројки е дека имаат "воведено многу високи стандарди за регрутирање, што ги потврдува дотогашните тврдења дека наоѓањето на умерени во Сирија не е лесна работа."
Она што го закопува планот од 500 милиони долари е првата акција на тазе обучените регрути, кои на 12-ти јули влегуваат во Сирија. По кратко време Ал Нусра киднапира 18 припадници, вклучително и нивниот командант и неговиот заменик. Тие им ги запленуваат и возилата и оружјето. Нешто подоцна, Ал Нусра по втор пат ја напаѓа групата, ама овој пат убива 5, а ранува 16 војници, и киднапира уште 8 други.
Подоцна во Сирија влегува и втората група регрути. Извештаите се дека тие дезертираат и оружјето им го предаваат на сириските власти.
Вчера Њујорк Тајмс објави дека Пентагон ја прекинува програмата за обука на припадници на умерената опозиција.