Од 2016 до 2020 година, Фридрих Мерц претседаваше со надзорниот одбор на германската гранка на БлекРок, најголемиот куп приватен капитал на Земјата.
Потоа се врати во политиката, а во март 2025 година, како канцелар во исчекување, го протурка низ Бундестагот во заминување - намерно пред новоизбраниот парламент да може да се состане - уставниот амандман со кој се дигнаа лимитите за воено трошење. Исчезна границата за задолжување што Германците ја третираа за света од 2009 година. За само една година, германските воени трошоци се зголемија за 24 проценти и достигнаа 114 милијарди долари, најголеми во европскиот дел на НАТО.
А БлекРок имаше удели во самите изведувачи - Рајнметал, Хенсолдт - кон кои ќе тргнат парите.
Мерц не прекрши никаков закон. Тој четири години учеше како се храни машинеријата и потоа ја нахрани. Ништо во договорите (регулаторни поднесоци, барања за набавка...) не е скриено, сè е на ачик.
Ќе беше тоа само германски проблем ако отаде Атлантикот немаше ист човек во друго одело, инсталиран кај контролите на воената машина.
Џон Фелан до март 2025 година немаше никаква врска со војската. Неговата кариера беа пари: ко-основач на приватна инвестициска фирма која го менаџираше личното богатство на Мајкл Дел, подоцна основа и своја фирма. Клучен момент: во април 2024, за Трамп донираше 834.600 долари. Неколку месеци подоцна беше номиниран за прв човек на американската морнарица, подоцна беше и потврден, му беше доделен буџет од 263,5 милијарди долари и команда на речиси милион морнари и маринци.
Фелан неодамна заработи над 5 милиони долари капитална добивка од Палантир, изведувач на софтвер за одбрана кој само во една фискална година, од Пентагон прими 541 милион долари.
Фелан е скромен случај. Најјакото во Пентагон е еден спрат погоре, во канцеларијата на заменик-секретарот за одбрана, Стивен Фајнберг, кој го води секојдневното работење на целиот оддел. Фајнберг е ко-основач на „Серберус Капитал Менаџмент“ и го водеше 33 години; под заклетва пред Сенатот го процени портфолиото на фирмата на над 65 милијарди долари. Тој беше голем донатор на Трамп, а до моментот кога беше потврден во март 2025 година, беше најбогатиот функционер во администрацијата. |
„Она што оттогаш го изгради не е влијание врз Пентагон. Тоа е сопственост на неговиот инвестициски огранок“, пишува Томас Карат.
Под Фејнберг, Пентагон престана само да купува оружје и почна да купува компании, удели во компании за ретки метали, инвестиции во ракетни мотори...
Меѓу другото, Пентагон почна да доделува договори за „Златната купола“ (штитот за ракетна одбрана на Трамп), програма која веќе порасна на околу 185 милијарди долари. Кога беа принудени да ги именуваат компаниите кои добиле бизнис, се покажа дека најмалку четири биле во целосна или делумна сопственост на компанијата на Фајнберг која тој веќе не ја води ама затоа таму се неговите возрасни деца.
„Ова не е прекршување на правилата, ова е нивно укинување,“ оценува Карат.